Крушево машки се справува со снегот, директорот на ЈП Комуна вели: Алал да им е на вработените, душа им извадивме

by fokus

Снегот кој падна во Македонија во изминатиот период направи проблеми на дел од патиштата и главните улици низ градовите во државата.

Повеќето од помалите градови на сопствен начин се справуваат со чистењето на снегот, а истото важи и за Крушево, каде има 44 сантиметри снежна покривка.

Вработените во ЈП Комуна од овој зимски туристички центар постојано се на терен, со цел главните улици низ градот да се проодни и да им се олесни движењето на крушевчани, но и на туристите кои доаѓаат.

Директорот на ЈП Комуна Крушево, Наум Илиески, е задоволен од досега сработеното на вработените и додаде дека во иднина ќе се потрудат да бидат елиминирани недостатоците.

„Јас ги прифаќам сите парцијални критики на сметка на чистењето на улиците во општина Крушево и ги сметам за добронамерни, конструктивни и пријателски. Воедно и сакам да апелирам за трпение бидејќи возниот парк на ЈП Комуна е надалеку познат. Камион ФАП од 1980 година со гуми од 1993 година (за кој веќе ни делови не се произведуваат, па не дај Боже да покаже дефект) и ровокопач (принудно претворен во машина за чистење снег). Ни мене не ми се допаѓа што ситуацијата е таква каква што е и затоа напорно работиме на подобрување на истата“, вели Илиески.

Тој најави дека веќе наредната зимска сезона Крушево ќе набави ново специјализирано возило за чистење на снегот.

„Веќе следната зимска сезона ќе ја дочекаме поподготвени и побогати за едно возило. Ништо не доаѓа преку ноќ. Верувајте, во ваква ситуација и со овие скромни финансии со кои располагаме, јас сум презадоволен од постигнатото. Алал да им е на вработените, душа им извадивме. Ко да за нив не беа празници, ко да тие немаат фамилии по дома…прави херои“, додаде Илиески.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости