Мукаетов доби награда во Париз

by Фокус

Живко Мукаетов, генерален директор на фармацевтската компанија „Алкалоид“, е награден во Париз, за синергично дејствување во рамки на Југоисточна Европа. Тој ја добил наградата „ЈИЕ Личност за 2014“, за неговите заслуги и достигнувања во сферата на економијата и придонесите во културата и во спортот.

На свеченото отворање и доделување на признанијата на фестивалот во Париз присуствувале претставници на УНЕСКО, високи претставници на амбасадите на земјите на Југоисточна Европа во Париз, личности од јавниот и културниот живот на оваа метропола, а настанот бил најавен и од најтиражниот весник во Франција, „Ле Паризиен“.

Наградата на Мукаетов му ја врачил ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“, Јордан Плевнеш, кој воедно е и основач и претседател на советот на фестивалот. Досегашни добитници на ова признание се Бранислав Мичуновиќ, министер за култура на Црна Гора, и актерите Мики Манојловиќ и Мето Јовановски.

Фестивалот на кинематографиите од изминативе три години ги воспостави разурнатите мостови меѓу земјите на Југоисточна Европа и оствари исклучително ехо на интернационален план.

Поврзани новости