Скандалот „Перде“ никако да влезе во Министерство за здравство

by Fokus 12:48
12:48

Скандалот „Перде“ во кој со оштетен или изгубен вид на едното око останаа околу педесетина пациенти во Градската болница „8 Септември“, никако да стигне до Министерството за здравство. Повеќе од седум месеци, комисијата која ја формираше ресорниот министер Никола Тодоров, а во која работат тројца лекари – офталмолози, се уште го „истражува“ случајот. Но, досега не се наѕира крајот на нивната работа.

Членовите на комисијата, постојано велат дека за десет дена, конечниот извештај ќе биде предаден во Министерството за здравство. Истиот одговор на прашањето ни го даваат од почетокот на декември, а сега сме крај на април. „Фокус“ денеска контактираше со доктор Златко Арнаудов, еден од членовите, кој само кратко одговори:

- Advertisements -

– Извештајот е при крај. Ќе биде доставен до министерството во наредните неколку денови – изјави доктор Арнаудов.

Ја побаравме и доктор Ирена Богданова од скопската Очна клиника, која исто така, е член на комисијата. Таа не одговараше на нашите телефонски повици.

Која е причината зошто овој случај со месеци тапка во место? Зошто никој не реагира на поплаките на пациентите, чиј број секојдневно се зголемува? Овие прашања никако да дојдат до одговор, а останува да виси и прашањето, дали извештајот за случајот со очната лекарка конечно ќе има некаков исход?

Дел од пациентите реагираат дека и по нивните преставки до здравствените власти, никој досега не ги викнал да поразговара со нив на оваа тема и да ги праша со какви проблеми се соочуваат по ласерската операција на перде, која трае само 15 минути.

– Колку пати досега поднесов преставки, барав средби со министерот, но никој тоа не го интересира. Јас успеав да се видам со докторката, која е член на комисијата и успеав да ги кажам моите маки. Ама, тоа беше додека бев на преглед кај неа. Таа ми вети дека ќе ме викнат на разговор и оттогаш нема ништо. Значи, тие мора да разговараат со пациентите, бидејќи тие се оштетни во целата приказна, а не лекарката. Таа продолжува да оперирам, а јас продолжувам да барам правда, затоа што не гледам – истакна скопјанецот Благоја Тренески. 

Пред неколку месеци, двајца пациенти одлучија да ја тужат очната лекарка. „Фокус“ располага со документите, приватните тужби и медицинските истории на 65-годишниот Адил Муртиќ од Скопје и кичевецот Пачаџијоски Мемед – Џемал, кои одлучија правдата да ја бараат на суд.

И во двете тужби, оштетените бараат државата да ја гони очната лекарка под сомнение за сторено кривично дело “несовесно лекување болни“ по член член 217 во врска со 207 став 3 по Кривичниот закон на Македонија.

Скандалот „Перде“ излезе на виделина во септември. Во нашата реадакција, маките си ги кажаа повеќе од десетина пациенти, кои продолжуваат редовно да доаѓаат и да бараат да се пишува на оваа тема, бидејќи здравствените власти ги игнорираат и никој не се интересира за нивниот случај.

 

Поврзани новости