Во Кичево денеска се одржа народен собир на Левица, на кој беше промовирана советничката листа и програмата за локалните избори. На настанот присуствуваа носителот на листата за советници Бојан Мишковски, генералниот секретар на партијата и кандидатка за градоначалник на Струга, Јована Мојсоска, како и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Денес сме овде заедно со граѓаните на Кичево за да ја промовираме нашата кандидатура и она што Левица сака да го застапува во градот. Се надеваме дека ќе добиеме доволен број на гласови за да имаме два, три, па дури и пет советници кои ќе можат реално да влијаат врз локалните политики“, изјави носителот на листата Бојан Мишковски.
Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска, во своето обраќање го претстави носителот на листата Бојан Мишковски како препознатлив активист меѓу кичевчани, кој беше еден од предводниците на протестите против депонијата – „рак рана на Кичево“.
Мојсоска истакна и поширок политички контекст на овие избори.
„Ние како опозиција настапуваме во избирачки систем со тоталитарни услови, креирани од една авторитарна власт која не бира методи за да го угуши секој глас. Народот тоа го гледа секојдневно, преку цензурата на Левица, преку противзаконското следење на опозициски пратеници, сè со цел да се спаси рејтингот на една влада која имаше најлош старт во последните 35 години“, нагласи таа.