Донесен е Законот за јавни набавки, опозицијата гледа зголемени ризици од корупција

by vlatko 20:26
20:26

Со 63 гласа „за“ и 20 „против“, парламентарното мнозинство попладнево го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, откако пред два дена го усвои амандманот за бришење на членот 13 од предлогот поради кој претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на законските измени.

Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека согласно член 75 став 3 од Уставот, откако Собранието го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателката на државата сега е должна да го потпише указот за негово прогласување.

Пред гласањето за овој Закон, пратениците од опозициските партии обвинија дека со негово донесување се намалува транспарентноста и се зголемуваат ризиците од корупција.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во процедурална реакција оцени дека ваквиот расплет бил очекуван начин за набрзина да се протурка законот, иако, како што рече, остануваат многу покрупни проблеми од членот на кој реагираше претседателката.

-За мене многу поважни беа другите членови што се менуваат – сумата за јавни набавки во четири очи, укинувањето на согласноста што требаше да се добие од Бирото за јавни набавки при спроведување набавки по скратена постапка, што е најважната работа во делот на транспарентноста. Се укинува и бесплатниот увид – ако не платите, не можете да ги добиете податоците од јавните набавки, ниту новинарите, ниту невладините организации, ниту кој било друг – рече Спасовски.

Тој потсети дека токму поради овие одредби СДСМ и коалицијата поднеле 2100 амандмани сметајќи дека на тој начин ќе се спречи носењето на Законот за јавни набавки.

Пратеникот Миле Цеков апелираше до мнозинството дека ова е еден многу важен закон преку кој, како што нагласи, само минатата година поминале 1,6 милијарди евра јавни пари. Тој се повика на неодамнешниот Извештај на Европската комисија, во кој е констатирано дека нема напредок во оваа област, како и на сериозните забелешки за корупциски ризици од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Слични критики упати и пратеничката Илире Даути, која предупреди дека со зголемувањето на праговите за малите набавки се намалува контролниот филтер врз трошењето на парите на граѓаните.

Слични вести