Милатовиќ: Не е фер ова што го бара Хрватска

by vlatko 21:35
21:35

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека не е фер Хрватска да бара од Црна Гора да ги реши отворените прашања исклучиво како што ѝ одговара на хрватската страна.

Тој во интервју за РТЦГ му одговори на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој рече дека Црна Гора нема да ги затвори преговорите со Европската унија без да ги прифати условите на Хрватска.

-Јас и Владата на Црна Гора секогаш зборуваме за потребата од добрососедски односи и нема причина односите меѓу Хрватска и Црна Гора да не бидат апсолутно најдобри. Ние искрено го сакаме тоа, но има неколку отворени прашања и од нас се бара да ги решиме овие работи на начинот на кој сака хрватската страна, а тоа, во најмала рака, не е фер – рече Милатовиќ.

Како пример, тој ги наведе разграничувањето и односот меѓу Хрватска и Словенија додека Хрватска влегуваше во ЕУ.

-Зошто Хрватска сега бара од Црна Гора нешто со што не сакаше да се согласи кога влезе во Европската унија во односите со Словенија? Ние бараме само да презентираме некои од нашите аргументи, тие да ги изнесат своите аргументи, а прашањето, ако не може да се реши во овој наш пријателски дијалог, да се реши во некоја меѓународна арбитража – рече Милатовиќ.

Тој додаде дека ставот на Црна Гора бил позитивно прифатен во Европскиот совет и дека на оваа тема разговарал со речиси сите европски лидери во Даблин. Тој оцени дека не е добро максимално да се инсистира на решавање на сите прашања во краток временски период и оти е и во национален интерес на Хрватска Црна Гора да стане членка на ЕУ.

Пленковиќ пред новинарите во Даблин, каде што се одржа самитот на Европската политичка заедница, изјави дека условите на Хрватска не се билатерални, туку вредносни прашања и дел од европското законодавство.

Слични вести