Поранешниот портпарол на украинскиот премиер Микола Азаров, Сергеј Заворотни, е тешко повреден во експлозија на автомобил во Москва, објави „Москва тајмс“. Заворотни живее во Русија, каде што побегнал по политичките превирања во Украина во 2014 година.
Неговиот автомобил „тојота фортунер“ експлодирал утрово на улица во руската престолнина. Очевидци изјавиле дека слушнале силна експлозија, а според нивните сведоштва, автомобилот поминал околу 200 метри пред да одекне детонацијата. Од силината на експлозијата, 72-годишниот Заворотни бил исфрлен од возилото.
Тој се здобил со повреди од шрапнели во градите и во грбот, како и со тешки повреди на нозете, по што бил итно пренесен во болница.
Причината за експлозијата засега не е официјално потврдена. Неколку Телеграм-канали објавиле дека под возачкото седиште била поставена импровизирана експлозивна направа со околу 300 грама експлозив, која била активирана од далечина.
Заворотни бил портпарол на поранешниот проруски премиер Азаров, а Телеграм-канали поврзани со руските безбедносни служби го посочиле како цел на нападот.
Ова е втор напад со автомобил-бомба во Русија за само два дена. Во текот на вчерашниот ден, во експлозија на автомобил во Санкт Петербург загина руски полковник, за кого се верува дека служел во 6 гардиска армија на воздухопловните сили и противвоздушната одбрана на Русија.
Азаров беше премиер на Украина од 2010 до 2014 година, но избега во Русија по Револуцијата на достоинството во 2014 година. Тој тврдеше дека добил политички азил по лична интервенција на рускиот претседател Владимир Путин.
Украинските власти го бараат Азаров поради сомневања за злоупотреба на службената положба. Минатата година, Печерскиот окружен суд во Киев го прогласи за виновен за велепредавство.
Според руските медиуми, Заворотни е директор на Центарот за информатички технологии при Приморскиот државен аграрно-технолошки универзитет. Покрај тоа, работи како новинар за меѓународни прашања и како политички стратег.