Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по 14. Совет за стабилизација и асоцијација, порача дека една од причините зашто е важен почетокот на преговорите со Македонија е тоа што се и тест за кредибилитетот на Европската Унија.
-Ние сме фанови на холандската стриктност и правичност, сакаме да го започнеме пристапниот процес токму затоа што е реформска алатка, сакаме да го направиме ова на начин што ќе го тестира кредибилитетот на сите земји членки. Станува сѐ појасно дека ако Македонија не е една од земјите со пристапни преговори, тогаш има премногу преправање, а не доволно објективна проценка во нашиот регион, изјави Димитров на новинарско прашање како Владата може да се осигура дека идната година земји како Франција и Холандија нема повторно да го блокираат стартот на преговорите со Македонија во ЕУ.
Министерот оцени дека Македонија сака да се фокусира на домашните реформи и дека тоа што владата се обидува да го направи сега за една, две или три години е она што можеше да биде направено во последните петнаесет години.
– Ако порано беше автопат, сега патот е тесен и нагорен, рече Димитров.
Министерот Димитров, заедно со државниот секретар за ЕУ, Бујар Османи, високата претставничка за надворешни работи, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, изразија огромно задоволство за последните случувања во Македонија, отворањето на патот за преговори во јуни 2019, поканата за членство во НАТО, постигнатиот договор со Грција како и со Бугарија.
-Сетете се, пред само еден месец договорот не беше потпишан, поканата за НАТО не беше доделена и ја немаше одлуката на Советот со временска рамка за преговори, за помалку од еден месец се наоѓате во сосема различно место, рече Федерика Могерини.
Могерини потпишувањето на Договорот со Грција го нарече “еден од најголемите успешни приказни на нашето време без страв дека претерувам кога го кажувам ова“.
-Очекуваме од сите сили во владата и опозицијата да продолжат да работат заедно за европските реформи. Вратата за ЕУ е отворена и патот на земјата кон ЕУ стана сега неотповиклив, а ние стоиме цврсто до вас, изјави високата претставничка.
Еврокомесарот Јоханес Хан потврди дека ќе биде во Македонија на 17 јули за стартот на техничкиот дел на процесот на скрининг со Владата.
– Оваа подготвителна работа не е нешто што се прави за неколку недели, треба да се подготват сите 35 поглавја кои ги покриваат пристапните преговори, тоа мора внимателно да се подготви и е клучно да ја направиме оваа работа за една година, рече Хан.
Тој ја потсети клучната важност за Македонија да продолжи да работи на условите за стартот на преговори: реформа на администрација, борбата против корупцијата вклучително и високата корупција, како и реформата на разузнавачките служби.
Запрашан да прецизира што точно Европската Комисија подразбира под “подготвителната работа“ за стартот на преговори, Јоханес Хан објасни:
-Скринингот значи дека гледаме до каде се областите на владеењето на правото и поглавјата 23 и 24 да видиме до каде е земјата на комплетен начин, ова е основно прашање, основа за старт на преговори, до каде е земјата, и се засноваме на ова за да им препорачаме на земјите членки одредници за отворање кои ќе доведат до конкретни преговори. Ќе почнеме да работиме на ова по летниот одмор, но пред тоа ќе го дефнириаме целиот патоказ и ќе назначине координатор за скринингот, рече Хан.
Во заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ стои дека Европската Комисија може да ја започне подготвителната работа за преговори со Македонија и Албанија, но користењето на зборот “скрининг“ не бил прифатен од Франција и Холандија, односно не биле прифатени никакви референци кои би можеле во нивната домашна јавност да бидат протолкувани како отворање на преговорите до следните европски избори, објаснуваат извори во ЕК за МИА. Но, и покрај тоа комесарот го користи зборот “скрининг“ и за Македонија и Албанија, а од Европската Комисија објаснуваат дека со оваа подготвителна работа се добива значајно на време, па така кога земјите членки и формално ќе го одобрат стартот на преговори, најверојатно во јуни 2019, Македонија многу бргу ќе влезе во суштината на преговорите.
Подготвителниот процес за сите земји досега речиси секогаш траел околу година до година и половина.
Министерот Димитров изрази надеж дека следниот Совет за стабилизација и асоцијација ЕУ-Македонија, кој треба да се одржи идното лето, ќе коинцидира со првата Меѓувладина Конференција за Македонија, на која ќе се прогласи официјално стартот на преговорите.