Премиерот Христијан Мицкоски најави дека заедно со министерката за финансии и гувернерот на Народната банка ќе одржи средби со потенцијални купувачи на Алта банка.
Тој изјави дека, за разлика од опозицијата, која според него се надева на најлоши сценарија, власта се обидува да најде решение. Мицкоски увери дека, дури и во најлош случај, секој депонент ќе биде обесштетен до последен денар.
„Владата и опозицијата, односно СДСМ, имаат различни амбиции. Тие се радуваат на најлошите сценарија, додека ние правиме сè што е во наша моќ за да најдеме решение, односно купувач кој ќе ја преземе банката, бидејќи таа навистина е во одлична состојба.
Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени, како што се случи во случајот „ТАТ“ во времето на СДСМ, или со „Еуростандард банка“, исто така во времето на СДСМ.
Реков и останувам на тоа што го изјавив – секој доверител и секој депонент ќе биде обесштетен до последен денар. Најголемиот дел од депозитите се осигурени од Фондот за осигурување на депозити, додека средствата на банката значително ги надминуваат нејзините обврски.
Сепак, се обидуваме да го избегнеме ова црно сценарио, за кое, според него, опозицијата од СДСМ секојдневно се надева и работи. Правиме напори тоа да не се случи и да најдеме купувач.
Во наредните денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе одржиме една или, поточно, неколку средби со различни финансиски институции кои би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“, изјави Мицкоски.