Министерката за култура ја разрешила директорката на „Филхармонија“ – Тина Иванова

by fokus

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска донела одлука за разрешување на директорката на Националната установа „Филхармонија на Северна Македонија”, Тина Иванова, како и членовите на Управниот одбор на Установата, објави Прес 24.

Одлуката следела по извршен увид во работата на Установата од страна на Комисија при Министерството за култура, извршен на 06.09.2023 година.

Образложението за разрешување се повикувало на Законот за користење и располагање со стварите во државна и општествена сопственост, според кои директорката Иванова требало да постапува совесно, економично, соодветно, уредно, навремено, како и на склучените договори и правилници при издавање на просториите од Филхармонијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ на 07.05.2023 година, но и при издавање простории на економскиот оператор Бока Бистро.

Комисијата како што објавува порталот, открила низа неправилности се наведува во образложението според кое министерката Костадиновска-Стојчевска и разрешува Иванова и целиот Управен одбор. Иако било обврска според договорот, не постојат пишани записници и докази дека закупецот ВМРО-ДПМНЕ ја исполнил обврската од договорот да ангажира најмалку четири лица од редот на вработените на Филхармонија (светло мајстор, тонец, инжинер и координатор), како и 10 лица за обезбедување, уште еден тонец, шест лица за распоред, две лица за сценска техника и три лица за хигиена кои не е задолжително да се од редот на вработените.

-На денот на настанот во Филхармонија не биле ангажирани тој тип внатрешни вработени, согласно инспекцијата на Државниот инспекторат за труд. Со тоа, Установата не ја искористила можност да оствари дополнителен приход од закупот на политичката партија и не обезбедила услови за професионално користење на салата. Иванова не успеала да обезбеди никаква документација и записници за примопредавањето на салата, со што не може да се констатира во какви услови истата е предадена на закупувачот и во какви услови и примена назад. За потсетување, медиумите во мај 2023 известуваа за користењето на салата од страна на политички партии додека истата не беше достапна за детскиот фестивал “Златно славејче”, објавува порталот.

Низ целата оваа серија постапки несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, поради што министерката Костадиновска-Стојчевска донела одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија.

Поврзани новости