Милчо Манчевски не ми исплати хонорар и го тужев, тој си исплати хонорар од милион евра, тврди продуцентот Иво Антов

by fokus

Продуцентот Иво Антов, сопственик на продукцијата која е во мирување, ,,Наше маало”, а денес Здружение на граѓани ,,Наше маало два”, јавно го обвини режисерот Милчо Манчевски дека си исплатил хонорар од милион евра, додека на многу луѓе им останал должен за филмот ,,Сенки”.

-Во филмов што му го продуцирав, ,,Сенки”, сам на себе си исплати нето хонорар од еден милион евра, должејќи попат на едни чудо луѓе. Кога му реков дека ќе го тужам, рече и дека од шпица ќе ме исфрли. Филмот пропадна, ама тој се искешира јако – пред два дена објави на Твитер продуцентот.

Во разговор за ,,Фокус” Антов потврдува дека стои зад својата објава во која го обвинува режисерот дека должел пари, и открива дека го тужел поради неисплатен хонорар.

-Да, не ми исплати хонорар, продуцентски, иако му најдов ко-продуценти од 4 земји, а бев и делегиран продуцент пред Еуримаж, од кој добивме дури 630.000 евра. На крај, ме избриша од шпица и се потпиша себе си.

И подобро, филмот испадна лош, не се прикажа ни во земјите кои ни беа копродуценти (Италија, Германија и Шпанија, а само во Бугарија да).
После тој филм никогаш не доби пари од Еуроимаж, ниту некоја посебна сума од странство.
Интересен факт е дека за истиот филм (со буџет од 4,2 милиони евра) себе си си исплати нето хонорар од 1 милион евра, си ги наплати посебно трошоците за домување во Њујорк и големите трошоци за американски монтажер и студио во Америка (брзаше да се врати на предавања, за да не изгуби пари и таму), иако УСА не учествуваше во филмот.

После тоа прогласи стечај на фирмата и си отвори нова.

Подоцна, лобираше да се промени законот за филм, односно ставката за хонорар на режисер да не важи за добитници на награда на еден од трите големи фестивали (всушност само за него)- раскажува Антов.

Вели дека поради неисплатениот хонорар од околу 50.000 евра, во 2006/2007 година тој го тужел Манчевски, но изгубил на суд.

Појаснува дека првиот адвокат кој го застапувал се откажал по неколку месеци, а потоа тој го ангажирал адвокатот Серјожа Марков.

-Не добив на суд, а имам информација дека и тогашниот премиер се заземал за него. Нормално, не можам да ви го кажам изворот. (Во тој период премиер беше Никола Груевски).

Сте чуле некогаш некој во Македонија да земе 1 милион евра за хонорар? Воедно, парите му беа исплатени на странски сметки.

А филмот не направи ни 100.000 гледачи.

Ги мафта сите со награда од пред 30 години, а од тогаш не направи ништо значајно, воедно, со своите дејанија оневозможи една цела генерација филмаџии да се остварат-обвинува продуцентот, додавајќи дека не знае зошто точно не го добил спорот, бидејќи не е правник.

Антов не е единствениот продуцент кој деновиве јавно се огласи во врска со режисерот Манчевски и неговите хонорари.
И продуцентот и режисер Владимир Јачев на социјалните мрежи му порача да не се жали дека неговите филмови добиле малку пари од македонската влада, бидејќи е срамота додека луѓе не знаат како да сврзат крај со крај, него по милион евра чисти пари од филм да му бидат малку.

Реакцијата на Јачев дојде откако беше објавено видео обраќање на Манчевски, насловено ,,Непотизам и економија”, а во кое режисерот појаснуваше дека за негови филмови добил многу помалку пари, отколку што добиле син на познат македонски режисер, син на поранешен шеф на полицијата или син на поранешен владин портпарол.

По повод актуелните обвинувања, уште во тек на вчерашниот ден ,,Фокус” побара коментар и од режисерот Милчо Манчевски, но не добивме негов одговор до објавата на текстот денеска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости