„Ми се закануваат, но ќе се борам против дивоградбите во Велес“

Советник на Левица од Велес го крена гласот против легализација на свињарска фарма.

by Fokus

Советникот од Левица во Општина Велес, Игор Смилев на крајот на минатиот месец информираше дека е спречен партизански обид за легализација на дивоградба-свињарска фарма во Башино село.

Тој во разговор за „Фокус“ кажа нешто повеќе за ваквата ситуација, додавајќи дека во иднина жестоко ќе се бори против ваквите појави.

„Тоа беше заседавање на Комисијата за урбанизам и заштита на животната средина во Општина Велес. Се дебатираше за легализација на дивоградби во нашата општина. Во конкретниот случај прашав за што станува збор и добив одговор: Тоа е објект во Башино село, свињарска фарма која е дивоградба. Значи јас во целиот мој живот се борам против легализација на дивоградби, ние не знаеме што да им правиме на легализираните свињарски фарми кои се под сите еколошки стандарди, а беше предложено да се легализира уште еден таков“, разочарувачки вели Смилев.

Оваа предлог-точка на дневниот ред била ставена во мирување, но нашиот соговорник стравува дека во иднина таа би можела да се легализира.

„Во иднина може се да се случи, ние тој проблем го ставивме во мирување. Честопати ми се закануваат, но решен сум да се борам и во иднина против ваквите појави кои ја загадуваат околината на Велес. Ако продолжат и во иднина со вакви притисоци, ќе пријавам во полиција“, додаде Смилев.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости