Мартин Вучиќ по концертот на „Танец”: Малку е да кажам дека ме направија горд!

by fokus

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец” синоќа во во салата на Националната опера и балет (МОБ) во Скопје го одржа традиционалниот концерт „Велигденско будење“.

Пред преполната сала, членовите на ансамблот уште еднаш покажаа дека се вистински професионалци, кои со љубов и посветеност внимаваат на секој детал и понудија интересни кореографии и изведби. Не изостанаа аплаузите и овациите од публиката, а на членовите емотивно им се заблагодари и им изрази почит и директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ.

-Драги колеги, и порано, кога ве гледав малку од подалеку како обичен гледач, вашите креации ме оставаа без зборови. Сега, кога и јас со вас ја делам одговорноста, не само што немам зборови, туку ми недостасува и здив за да ја изразам својата воодушевеност и почит кон уметноста што ја создавате. Малку е да кажам дека вчера после концертот бев горд на вашиот настап. На сите раководители и на сите членови на ансамблот, но и на сите вработени во оваа единствена институција од тој вид во земјава, ви честитам од срце. Убаво е чувството дека вие толку одговорно го носите товарот, пардон привилегијата да го чувате и негувате нашето фолклорно богатство, што директорот може само со радост да ги следи и координира насоките на секој еден од вас. Кој ја познава материјата, знае дека концерт како вчерашниот, составен од фрагменти со толку брзи промени и толку разновидни стилови на игра и свирка, можат на сцената да го изнесат само врвни професионалци. Тоа ми дава за право да бидам убеден дека оваа 70-та година за „Танец“ ќе биде достојна за големиот јубилеј. Останете во чекор со големите успеси на ансамблот како сите овие седум децении. Браво! – порача Вучиќ.

Во разговор за „Фокус” тој вели дека е горд што работи со професионалци и го радуваат позитивните коментари од публиката кои можеа да се слушнат вчера, по концертот.

-Се подготвуваме за големиот јубилеен концерт кој ќе се одржи во јуни годинава, а ова што го покажаа членовите на „Танец” за време на концертот „Велигденско будење” е доказ дека имаме врвни професионалци, од кои допрва ќе следат настани за паметење. Горд сум на сите членови и чест е да се биде дел од нешто толку фасцинантно и големо. Продолжуваме да го негуваме фолклорното богатство на достоинствен начин – изјави Вучиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости