Маричиќ: Тензиите со Бугарија треба наскоро „природно да се намалат“

by Fokus

Тензиите меѓу Северна Македонија и нејзиниот источен сосед Бугарија, кои ја блокираат кандидатурата за членство на Скопје во ЕУ, би требало „природно да се намалат“ по изборите на 4 април во Бугарија, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за „Еуроактив“.

Со интензивен дијалог по бугарските избори, Маричиќ во интервјуто нагласува, дека може да постигнеме договор ако имаме вистинска подготвеност и волја за тоа … и ако бараме решение што ќе се заснова на меѓусебно почитување, на рационалност, на европски вредности и на модерните концепти од 21 век.

На прашањето дали е добра стратегија да се чека исходот од гласањето, со оглед на тоа што се чини дека во Бугарија има меѓупартиски консензус за ветото против Скопје, Маричиќ рече дека Северна Македонија треба да види кој е нејзиниот партнер во преговорите.

Еуроактив, посочува дека земјата два пати побара екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, но со мал успех.

– Тогаш, кога се случи ова, се согласивме дека и покрај силните разлики што ги имаме за овој конкретен случај, тоа нема да им наштети на нашите општи релации и можам да ве уверам дека досега тие односи беа на високо ниво, вели министерот Маричиќ за „Еуроактив“.

Во интервјуто Маричиќ, нагласува дека земјата е многу свесна за важноста на слободата на медиумите, и дека учи од времето кога Груевски беше на власт, и дека „затоа сме многу внимателни во однос на тоа што можеме да сториме и како ја следиме ситуацијата со медиумите финансирани од унгарски компании“.

– Значи, на ова не му пристапуваме со предрасуди. Бидејќи секоја странска инвестиција е добредојдена, без оглед дали доаѓа од Унгарија или од која било друга земја. Но, се разбира, тоа треба да биде во согласност со сите закони, вели Маричиќ за „Еуроактив.“

Поврзани новости