„Новинарите“ од провладините медиуми неделава ќе посетуваат интензивен курс за тоа како да го оцрнуваат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, дознава „Коза Ностра“.
Семинарот го носи работното име „Пишувам Стево, мислам Бранко“, а вистинските подготовки ќе се одржат во еден од вмровските станови на погорните катови во зградата на „Димче Мирчев“, во подножјето на Водно!
Куририте ќе вежбаат 10 начини како зајадливо да го прашаат Пендаровски зошто не се качил на авионот со кој падна претседателот Борис Трајковски и ќе тренираат цинично да му возвратат – „Ма, немој!“, во случај да даде логичен одговор.
Посебни часови се предвидени за новинарката на Сител, која ги помеша Андреј Петров и Андреј Жерновски на локалните избори. Таа ќе учи што е тоа брада и како веднаш да го препознае Стевче Јакимовски за повторно да не дојде до забуна.
Една од вежбите на семинарот ќе биде да се најде третата братучетка на Пендаровски која зела тендер од Општина Ранковце и вредноста на тендерот да се изрази во дени. Значи не во денари, туку во дени.
Па, така тендер од 5.000 евра, односно од 300.000 денари би бил тендер од 30 милиони дени. Братучетка на Пендаровски ќарила 30 милиони дени од буџетот!
Со оглед дека Пендаровски е омилен кај жените, ќе се вежба пишување кое алудира дека тој нема ништо против сопствениот пол. Ќе се објавуваат текстови од кој треба да се заклучи дека Пендаровски не само што е поборник за хомосексуални бракови, туку има тајна агенда гејовите да посвојуваат деца. Не е на одмет да се потсети дека Стево одлично стоел со Фуере и оти му се допаѓала зградата Папагал, која всушност е симбол на геј-масоните!
На крајот од текстот, во една реченица ќе се постави прашање што мисли Стево за педофилите. Нормално, изјава од него не е потребна.
Ќе се вежбаат серија на текстови за тоа дека Пендаровски не пријавил никаков имот во Антикорупциска, без разлика што таква обврска имаат само функционерите. Интензивно ќе се прашува да не зема и тој 5.000 евра за кирија како Шекеринска – па ги крие! Се разбира, изјава од него не е потребна.
Томе Аџиев ќе биде специјален гостин за предавањето на кое куририте ќе учат како да откријат дека една од бабите на Пендаровски (се важи и стрината на дедо му) соработувала со тајните служби. Иако не работи Лустрациска, Аџиев ќе дава изјави како експерт.
Покрај за Стево, ќе има и часови од општо знаење. На тие ќе се учи зошто Сорос се пишува со сите големи букви иако не е кратенка, а за дел од куририте е подготвено посебно предавање од типот дека подобро е да се пишува СОРОС со сите големи букви, отколку Сороз, со „з“ на крајот.
Семинарот ќе финишира со тоа што куририте ќе состават текстче кое би го објавиле во случај Пендаровски да ги демантира. Во текстот ќе стои дека токму поради ваквиот притисок на опозицијата, Македонија е на срамното 123-то место на листа на „Репортери без граници“.
Главната вежба ќе бидат текстовите за тоа дека Стево веќе го продал името без да распише тендер и тоа сосе идентитетот и јазикот и дека опозицијата на чело со Пендаровски подготвува украинско сценарио. Финалните текстови ќе ги оценува искусна комисија во едно од кафулињата на „Аминта Трети“!
Курсистите ќе знаат како два дена пред избори да пуштат муабет дека Стево се видел со Мијалков во „Сушико бар“, бар двапати.
За наредната недела се подготвува семинар на тема „Македонскиот Вацвал Хавел – Ѓорге Иванов од дисидент до државен диригент“!