Хипокризијата на антипушачката пропаганда

by Фокус 18:00
18:00

Текстот е објавен на 13 јануари 2006 во неделникот „Фокус“ број 550

Пишувал
Д-р Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

Сеедно што не сум пушач, сметам дека Законот за ограничување на пушењето, како и енормното поскапување на цигарите не смеат да поминат незабележани, уште помалку без неопходниот коментар. Напротив, неопходно е да им се посвети сериозно внимание, бидејќи зад привидната загриженост за човековото здравје и за зачувување на природната средина се кријат многу подлабоки мотиви, чија природа воопшто не е наивна.

- Advertising -

Без разлика кој како ќе ги разбере мотивите за пишувањето на овој текст, тврдам дека неодамнешните рестриктивни мерки не смеат да поминат незабележано. Притоа, не е битна нивната правна втемеленост, ниту нивната непрецизност, која се манифестираше на самиот ден од нивното реализирање – дури и надлежните инспекциски служби беа збунети. Битна е нивната намера.

ПРИВИЛЕГИЈА НА ИЗБРАНИТЕ

Во одлуката за поскапување на цигарите постои нешто што е, благо речено, нелогично, неприродно. Наместо да се удри по најдлабоките џебови на пушачите, се направи обратното. Најмногу поскапеа најевтините цигари. Најевтините цигари се најнеквалитетните цигари. Тоа се цигари кои во себе содржат најмногу никотин, како и голем број други штетни состојки.

По правило, овие цигари се „привилегија“ на сиромашните. Нив ги пушат работниците, безработниците, стечајците, отфрлените, бездомниците. Се разбира, тука спаѓаат и студентите, сместени во „величествените“ студентски домови, како и во други подземни простории, бидејќи студентските домови се налик на визби, а визбите налик на студентски домови.

Едноставно, со оваа категорија цигари се задоволуваат оние кои ја немаат можноста да се послужат со скапоцените томпуси или со префинетите тутуни, подготвени за фини лулиња, со кои во посебни пригоди се служат посебно фините луѓе, загрижени за судбината и здравјето на останатите.

Се разбира, било кој демагог може да ми одговори: „Нормално е да се удри по оние цигари кои најмасовно се пушат и кои, според тоа, најмасовно ја загадуваат човековата околина, како и човековото здравје!“ Притоа, овој загриженик уште би додал дека на тој начин се штити токму здравјето на најзагрозените социјални слоеви. Преку нив се штити, би додал, и здравјето на непушачите.

Кога станува збор за здравјето на непушачите, неодамна имав можност да прочитам неверојатно глупаво и целосно бесмислено објаснување, според кое пасивното пушење било дури поопасно од активното. Од ова заклучив дека оној кој активно пуши и кој, наедно, го вдишува чадот што самиот го испуштил – значи, кој е активен и пасивен пушач – е помалку загрозен од оној кој само го вдишува испуштениот чад на активниот пушач.

Ова говори до кои висини може да се издигне човековата глупост, иницирана од помодарството, како и до кое ниво можат да се урнисаат наменските (платените) пропагатори. Сепак, веќе реков дека најнеквалитетните цигари ги пушат најсиромашните слоеви, како што токму тие и се служат со најнеквалитетните и најмалку рафинираните дроги – кокаинот, на пример, не е дрога на работниците и бездомниците. Тој е привилегија на избраните.

Затоа, неслучајно, во сеќавањата ми доаѓа Марксовата оценка, напишана во првата половина од 19 век, дека „…грубата потреба на работникот е многу поголем извор на доход одошто префинетата потреба на богатиот. Во Лондон визбите во кои се живее им донесуваат на своите стопани повеќе приход одошто дворците“ – потенцира Маркс.

Истото важи и за цигарите. Доволно е зборот „визби“ да се замени со зборот „цигари“ и ќе се сфати едноставната вистина дека најголем извор на профит се токму најмногу пушените (продаваните) цигари, бидејќи без нивната продажба нема голем профит. Најмногу пушените цигари се, наедно, најефтините цигари. Нив најмногу ги пушат сиромашните слоеви, работниците.

Според тоа, работниците се најголемиот извор на богатство и профит и тие се, наедно, најзагрозената популација во секој поглед. На тој начин, преку пушењето, уште повеќе се загрозува веќе еднаш загрозеното здравје на работникот, на човекот. Наедно, наивно и хипокризично е да се верува дека работникот лесно ќе се откаже од единственото задоволство што може да си го дозволи – пушењето.

Одземете му го уште пушењето и сте му го одзеле и последното задоволство – освен, се разбира, љубовта и природната грижа за семејството.

ВО ФУНКЦИЈА НА ПРОФИТОТ

Меѓутоа, ограничувањето на пушењето има подлабока и позастрашувачка димензија од претходната. Тврдат дека пушењето се ограничува за да се сочува човековата природна околина. Значи, не станувало збор само за грижа за човековото здравје, туку и за самата природа. Повторно се сеќавам на Маркс. Во „Економско-филозофските ракописи од 1844 година“ Маркс пишува: „…односот на човекот кон природата е на непосреден начин негов однос кон човекот“. Тоа значи дека во човековиот однос кон природата само се изразува односот на човекот што го има кон другиот човек. Каков е денешниот однос кон природата?

Тој е бесчувствителен и експлоататорски, бидејќи таков е и односот што едно човечко суштество го има кон другото човечко суштество. Дека е така, се гледа и во односот на мажот кон жената. Кон неа мажот се однесува како кон плен и слугинка, која во секој миг мора да му ги задоволи неговите потреби. Каков е односот на човекот кон природата? Ист!

Кој е најприродниот однос на човекот кон другиот човек? Тоа е односот на мажот кон жената – однесувајќи се кон жената, мажот се однесува кон природата, бидејќи и обајцата се природа или нејзин дел. Затоа, во нивниот однос на јасен, непосреден начин, се изразува односот што човекот го има кон природата.

Оттука, деградацијата на природата, нејзината безмилосна експлоатација, е само израз на човековата бескрајна деградација и на неговата безмилосна експлоатација. Експлоатацијата на природата е само момент од сеопштата експлоатација, во која едно човечко суштество сака да го зароби и да го деградира другото човечко суштество.

Затоа, бесмислено е да се мисли дека може да се промени односот кон природата и кон животната средина, без да се промени односот кон луѓето. Или, што е исто, без да се променат владеачките меѓучовечки односи.

Кога поскапувањето на цигарите навистина би претставувало грижа за човековото здравје и за здравјето на неговата околина, тогаш како да се објасни упорното и надмено одбивање на САД да го потпишат Протоколот од Кјото, бидејќи, како што самите велат, не бил во согласност со нивните национални, односно државни интереси? Со други зборови, Земјата може да гори, само нивните интереси, интересите на профитот, да не бидат загрозени.

Понатаму, како да се објаснат атомските проби и експерименти? Како да се објасни употребата на забранетото оружје, почнувајќи од напалм бомбите, вештачки предизвиканите дождови, касетните и графитните бомби, осиромашениот ураниум кој се наоѓа пред нашите носеви? Како да се објасни енормната потрошувачка на бензин на американските автомобили? Веќе овие елементи ја откриваат хипокризијата на преземените акции што светскиот ментор свесно ги наметнува, бидејќи, на пример, ако се намали потрошувачката на бензин, ќе се намали експлоатацијата на нафтените полиња во Тексас.

Без нејзина експлоатација, нема профит. Без профит, нема нечие богатство. Токму ова го објаснува индолентниот однос на капиталот (особено американскиот) кон сѐ поголемата деструкција на природата. Оттука, и кон човекот. Ова е основата на Марксовото мислење дека не е можно битно да се измени односот кон природата, ако битно не се изменат односите во општеството – особено ако не се надмине експлоатацијата. Затоа, во односот кон природата „…се покажува во колкава мера човековата суштина за самиот човек станала природа или колку природата станала човекова суштина на човекот. Врз основа на тој однос може да се суди за степенот на општата култура на човекот“.

Оттука, човековиот варварски однос кон природата, говори за варварските односи кои владеат помеѓу луѓето. Затоа и бесмислено е да се мисли дека поскапувањето на цигарите е во функција на запазување на еколошката средина. Единствена негова функција е уште поголем профит – еднаш создадената навика бара и понатаму да се задоволува.

ЧУВСТВО НА ВИНА И ПРИМИТИВИЗАМ

Третата димензија на ограничувањето на пушењето е контролата над човековите задоволства. Ова е најстрашниот и најнечовечниот момент од целава сказна за наводната грижа кон човекот и природата, бидејќи преку контролата на задоволствата се врши целосна контрола над човекот.

Преку антипушачката пропаганда, кај луѓето се создава чувство на вина, од една страна, и на примитивизам, од друга. Велам на вина, бидејќи пушачите го загрозувале не само сопственото здравје, туку и здравјето на другите; на примитивизам, бидејќи единствено примитивните не воделе грижа за себе и за другите. Кога кај луѓето ќе се создаде чувство на вина, тогаш со нив лесно се манипулира. Всушност, тоа е најефикасниот начин да се манипулира со човековите емоции.

Од своја страна, најлесниот начин за создавање чувство на вина е токму контролата на задоволства. Затоа, во одредена смисла, сета досегашна историја на човекот е историја на контрола на неговите задоволства, како и на неговите нагони. Најснажниот и најпријатниот нагон кај човекот, изворот на најдлабоките чувства и задоволства, е сексот. Токму затоа, сексот секогаш се прикажувал како нешто нечисто и недостојно за човекот. Кој ја имал контролата над сексот, тој ја имал контролата и над човекот.

Доволен доказ за ова е историјата на средновековието. Какви сѐ сказни се кажуваа за штетноста на онанијата – таа доведувала, тврдеа, до сушење на сржта во детскиот р’бет. Затоа, сексот се редуцираше на неговата репродуктивна, значи животинска функција, наместо да биде извор и потврда на љубовта. За манипулацијата и ограничувањата на задоволствата, особено на сексуалните, доволно е да се прочита само нешто од Сигмунд Фројд, Вилхелм Рајх или Херберт Маркузе.

Современите ментори одлично ги знаат ефектите од контролата и ограничувањата на задоволствата. Затоа, денес на човекот му е одземено дури и задоволството дење да вози без запалени светла од автомобилот, сеедно што надвор е ведро. Денес немате право да се возите неврзан во својот автомобил, бидејќи било опасно. За кого? За оној кој седи до вас? Па како другиот ќе го загрозите ако загинете неврзан и како нема да го загрозите ако загинете врзан? Затоа, суштината не е во ова. Таа е во следново: а) во поголемата продажба на сигурносни каиши и б) во создавањето на чувство дека сте врзан (неслободен) дури и кога се возите во својот автомобил! Во овој контекст, треба да се разбере најновата „грижа“ за пушачите, за непушачите и за зачувувањето на природата. Целта е едноставна – целосна контрола на човековите потреби и на неговите задоволства.

Поврзани новости