Крушевскиот градоначалник пријавен дека физички нападнал сограѓанин, тој вели: Немаше никакви клоци и шамари

by fokus

Вчеравечер, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски бил пријавен во ПС Крушево дека наводно физички нападнал сограѓанин.

Од друга страна, градоначалникот го пријавил граѓанинот дека бил навредуван па настанала расправија, не информираа од МВР.

„На 16.12.2020 во Полициската станица Крушево, Д.В од Крушево пријавил дека околу 19.40 часот бил физички нападнат од  Т.Х. од Крушево. Во исто време, во Полициската станица Крушево,  Т.Х. пријавил дека околу 19.40 часот на ул.„Никола Ѓурковиќ“ бил навредуван од Д.В., при што настанала расправија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Првиот човек на градот, Христоски, ги демантираше сите информации за наводен напад, потенцирајќи дека се бранел од заканите.

„Немаше никакви „клоци” и „шамари” како што очајно ДПМНЕ Крушево се обидува да прикаже. Имаше вербална расправија во која цврсто застанав против заканите кон граѓаните од типот „ќе видите вие комуњари кога ќе дојдеме на власт” и други погрдни зборови и провокации. Ќе продолжиме да го градиме Крушево според концептот „едно општество за сите”, а ДПМНЕ може само да ги брои проектите кои ги реализираме за сите граѓани и за цела општина“, истакна градоначалникот Христоски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости