Ниту еден наставник нема да остане без работа со новиот наставен план, уверува Бирото за образование

by fokus

Ниту еден наставник нема да остане без работа. Иако фондот на часови е намален по одредени наставни предмети (музичко и ликовно образование), преку изборните предмети и воннаставните активности наставниците кои ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале до сега. Ова е објаснувањето од Бирото за развој на образованието по реакциите кои следеа за новиот предлог модел кој го презентираше Министерството за образование според кој неколку научни дисциплини ќе се изучуваат заедно.

-Предлог наставниот план предвидува изучување на нови интегрирани наставни предмети, но тоа не значи укинување на одделните научни дисциплини – историја, географија, граѓанско образование. Напротив, тие ќе бидат изучувани преку нови пристапи што подразбираат интеграција и интердисциплинарно изучување прилагодено на возраста на учениците. При изработката на новиот наставен план и застепеноста на задолжителните и изборните предмети осoбено внимание е посветено на ангажираност на постоечкиот наставен кадар, искористување на капацитетите со коишто располага секое училиште и одговорно тврдиме дека ниеден наставник нема да остане без работа. Наставниците ќе бидат ангажирани за реализација на наставата, а особено за креирање на сопствена листа на изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците, Исто така, ќе бидат ангажирани во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности, велат од Бирото за образование.

Оттаму објаснуваат дека иако фондот за одредени предмети, музичко и ликовно образование е намален, преку изборните предмети и воннаставните активности наставниците кои ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале до сега. Според нивните анализи ќе има и потреба од ангажирање на нови наставници.

-Целото ангажирање на наставниците ќе биде вреднувано, како преку нивниот кариерен развој, така и преку зголемениот обем на работа (доколку се ангажирани за реализација на различни активности во училиштето), пишуваат од Бирото.

Велат дека во изминатиот период работеле на нова Концепција за основното образование, по увидивување на потребата за темелни реформи во образовниот процес. Најавуваат дека предлог текстот на Концепцијата ќе биде дадена на јавна расправа и сите засегнати страни ќе може со свои предлози да учествуваат во подобрување на овој концепт. Имплементацијата е предвидено да отпочне од учебната 2021/22 година со учениците од прво и шесто одделение, по усогласување на концепцијата и наставните програми со сите релевантни чинители.

-За сите новини, наставни програми, други активности ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници. Бирото за развој на образованието ќе им овозможи на наставниците континуирана обука и поддршка за планирањето, организирањето и реализацијата на наставата и сите предвидени активности во училиштето, додаваат од таму.

Поврзани новости