Кривичниот суд ги казни адвокатите од „Монструм“, ги обвинува за недолично однесување

by fokus

Кривичниот суд ги казни Насер Рауфи и Асмир Алиспахиќ, адвокати на обвинетите во случајот „Монструм“, случај кој се води за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Од таму ги обвинуваат адвокатите за недолично и недозволено однесување, кое според судот оди на штета на обвинетите и оштетените во предметот.

-Откако до судот беше доставено решение со кое е утврдено дека бранителот Асмир Алиспахиќ е позитивен на вирусот Ковид – 19, а на сите расправи  во претходните 40 дена беше отсутен од други причини, судот му предложи на адвокатот Насер Рауфи, кој нема спротивставена одбрана со другите бранители да го замени отсутниот колега – адвокат. Но истото беше одбиено. Дополнително беше предложено, доколку расправата се одложи, на следната расправа судењето формално да почне од почеток, заради проток од 60 дена, само со читање на досега изведените докази, но и тој предлог наиде на несогласување и адвокатите без дозвола од судот и било какво оправдување, ја напуштија судницата, објаснуваат од судот.

Поради ова судот на обвинетите им определил бранител по службена должност за ова рочиште, бидејќи ако не се одржеше ова рочиште ќе поминеше законскиот рок од 60 дена и судењето ќе требаше да почне од почеток.

Судењето продолжило само со читање на еден материјален доказ – известување за изработен вешт наод и мислење, а расправата ќе продолжи на 24 декември.

– Во услови на пандемија судот ги прави сите напори за континуитет на конкретниот судски процес и редовно и транспаретно известување на јавноста, а за денешното однесување на адвокатите судот донесе решениа со кое ги казнува согласно член 75 ст.1 ЗКП и за истото ќе ја извести и Адвокатската комора на РСМ, велат од Судот.

Поврзани новости