Директорот на прилепската болница: Последните недели се примаа повозрасни пациенти и тоа е причина за поголемиот број на смртни случаи

by fokus

Во последната недела-две во прилепската болница главно се примаат пациенти од повозрасните групи, со потешка клиничка слика, со недоволна сатурација и тоа е причината за поголем број смртни случаи во овие две недели, вели директорот на болницата Драган Богојески откако во овој град во последното денононоќие имаше шестмина починати од Ковид-19.

– Поради овие причини, во речиси сите ковид-одделенија има по еден до двајца пациенти со потешка клиничка слика. Поради ниската сатурација, и покрај сите напори со медикаментозната поддршка и терапијата што се дава, се развива пневмонија која е не може да ја санираме, објаснува Богојески.

Според директорот во болницата овие денови се хоспитализирани помал број пациенти, но поради тоа што повеќето се повозрасни, имаат проблем со кислородот, па на 70 отсто е зголемен бројот на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка.

-Моментално, во петте ковид-одделенија на прилепската градска болница се хоспитализирани и се лекуваат 105 пациенти. Она што е карактеристично во последниот период е зголемениот број на пациентите на кислородна поддршка. Ако во октомври и почетокот на ноември беа 50 насто на килосордна поддршка, сега процентот е зголемен на 70-ина насто и во моментов имаме 71 пациент на кислородна поддршка, изјави Богојески.

Помалиот број на прегледи го следи фактот и на намалувањето на хоспитализираните пациенти.

– До пред една недела бројот на хоспитализирани беше помеѓу 120 и 130 пациенти. Сега, неколку дена бројката е под 120, за во моментов се 105 хоспитализирани. Но проблемот е што дел од пациентите се повозрасни, со потешка клиничка слика, вели Богојески.

Поврзани новости