Ковид одделот во Кавадарци се полни, од денес повторно се зголемува капацитетот!

by fokus

Во тек на вчерашниот ден во Ковид-19 одделението во Кавадаречката болница се сместени 49 пациенти, позитивни на корона вирус. Капацитетот на одделот беше 50 легла, а од денес добива ново зголемување за уште десет кревети, со што бројката изнесува 60 кревети.

-Две лица од Кавадарци на возраст од 65 и 70 години починаа, на постојана кислородна поддршка се 22 пациенти, а 15 се на повремена.

Лекарските тимови се соочени со голем предизвик и работат напорно, бидејќи бројките на пациенти на кои им е потребна хоспитализација постојано растат.

До матичните лекари во регионот доставивме јасни протоколи, со цел да им се олесни работата на нашите екипи. Значи, пациентите кои се праќаат овде треба да ги исполнуваат условите од протоколот, да доаѓаат со комплетна лабораторија, рендген. Сите сме заедно во ова, мораме да соработуваме и меѓусебно да си помогнеме.
Овде се лекуваат лица од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, околу половина од пациентите се од Неготино. Станува збор за регионален центар и сите општини треба во овие моменти да го дадат својот максимум во интерес на пациентите, но и на медицинските екипи кои се во првите редови – ни изјави директорот на болницата д-р Диме Коцев.

Дознаваме дека на ковид одделот нема медицински екипи од Неготино на испомош.
Со цел да дадат свој придонес, голем број на кавадаречки општествено одговорни компании во неколку наврати донираа помош на одделението. Донациите се состојат од кислородни боци, регулатори за истите, визири, постелнина и освежителни прехрамбени продукти за медицинскиот персонал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости