Ковачевски на третиот Самит на Европската политичка заедница во Шпанија

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Гранада, Шпанија, ќе учествува на третиот Самит на Европската политичка заедница. На Самитот учествуваат лидери од вкупно 47 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азејберџан, Грузија, Турција и Украина. На Самитот ќе земат учество и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претсадателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Програмата на Самитот содржи пленарна сесија и дискусии на тркалезни маси поврзани со актуелни прашања за иднината на Европа.

Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија, а потоа со лидерите на Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Хрватска, Лихтенштајн, Бугарија и Албанија, како и Европската комисија и европскиот Парламент ќе земе учество на тркалезната маса, посветена на дигитална транзиција и вештачка интелигенција. Во рамки на третиот Самит на Европската политичка заедница, предвидено е Ковачевски да оствари и билатерални средби со премиерот на Холандија Марк Руте и со премиерот на Ирска Лео Варадкар.

Европската политичка заедница е платформа за политичка координација за европските земји ширум континентот, чија цел е да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството два пати годишно. Првиот самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година, по што во јуни годинава, следуваше самит во Кишињев, Молдавија.

За време на посетата на Гранада, Шпанија, Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска. Таа во рамки на Самитот има повеќе активности во програмата, а ќе го придружува Ковачевски на свечената вечера организирана од Кралот и Кралицата на Шпанија.

Поврзани новости