Ковачевски ќе го поддржи Пендаровски за уште еден мандат, вели Мицкоски

Моите информации велат дека Ковачевски ќе го поддржи Пендаровски ако дотогаш сѐ уште биде претседател, но ќе видиме, таму битката е неизвесна, има и други политичари што амбицираат, сегашни и актуелни, вели Мицкоски во интервју за Фокус.

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во интервјуто за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека располага со информации според кои власта ќе го кандидира претседателот Стево Пендаровски за уште еден мандат на следните претседателски избори.

Објаснувајќи зошто начелно го прифати првичниот предлог на Пендаровски референдумското прашање да се однесува на членство во ЕУ под условите што произлегуваат од францускиот предлог, Мицкоски изјави:

„Пендаровски излезе со таква изјава, мислејќи дека со тоа еуфорично ќе направи некаков голем политички потег, за потоа, откако виде во каква замка влегува и откако претпоставувам доби укор од менторот, мораше, не малку, туку многу да ретерира, од 0 на 180 степени. Народот може да види каков човек е во таа институција, но претпоставувам има колективна меморија и ако повторно биде поддржан од СДСМ за претседателски кандидат, ќе може народот соодветно да му даде одговор. Моите информации велат дека Димитар Ковачевски ќе го поддржи Пендаровски ако дотогаш сѐ уште биде претседател. Но, ќе видиме, таму битката е неизвесна, има и други политичари што амбицираат, сегашни и актуелни…“.

Во однос на прашањето зошто на крајот одлучиле да утврдат поинакво референдумско прашање, со акцент на Договорот со Бугарија, тој додаде:

„Нашиот потег беше со цел да го извадиме Пендаровски на површина. Ако ние влезевме во таа замка, тогаш можеше многу лесно Талат Џафери да ја одбие иницијативата, зашто ќе речеше дека ова не е во ингеренции на Собранието, туку во ингеренции на Владата. И, за жал, тогаш ќе беше во право. А сега не е во право што ја оспори оваа иницијатива, направи насилство зашто договорот со Бугарија е ратификуван од Собранието…“.

Тој ги коментира и прозивките зошто наместо да иницира референдум не преземе обврска да го поништи Договорот кога ќе дојде на власт, бидејќи Договорот содржи таква клауула:

„Треба да дојдат следните избори и тогаш ќе излеземе со наша позиција ако не се случи референдум или ако има неуспешен референдумот. Моментално, од позиција на опозиција, тоа ни е единствената алатка што ни стои на располагање за да го напуштиме овој асимилаторски договор“.

Во секој случај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уверува дека под овие околности нема да поддржат уставни измени со цел влез на Бугарите во Преамбулата.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости