По објавата на Фокус: Милевски потврди дека заминува, Зајкова на чело на ЛДП

Милевски следната недела ќе поднесе оставка од функцијата министер за локална самоуправа, а еден од кандидтите за негов наследник на оваа позиција е Пенов.

by Фокус

Откако Фокус вчера објави дека лидерот на ЛДП и воедно министер за локална самоуправа Горан Милевски планира повлекување од двете функции, а размислува и за целосно повлекување од политиката, тој денес ја потврди информацијата.

Тој вели дека не се повлекува поради различните ставови со сопартијците околу францускиот предлог, идното позиционирање на ЛДП и други прашања, туку поради умор и заситеност, со цел да остави простори за други кадри.

После тригодишно извршување на функцијата министер за локална самоуправа сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП – ни изјави Милевски, додавајќи дека друг кадар ќе дојде и на чело на ЛДП на редовниот конгрес што треба да се одржи до крајот на годината.

Инаку, тој ќе поднесе оставка од министерската функција следната недела, најверојатно во вторник, а дотогаш треба да биде утврдено кој ќе биде негов наследник во владата.

Според нашите информации, во конкуренција се две лица, меѓу кои е поранешниот партиски лидер и скопски градоначалник Ристо Пенов, кој се уште размислува дали да се врати во политика.

Она што е речиси извесно, потпретседателката и пратеничка Моника Зајкова ќе го наследи Милевски на лидерската позиција во ЛДП.

Според партиски извори, лидерската смена треба да се случи на следниот конгрес, чиј редовен термин доаѓа во октомври, меѓутоа можно е негово поместување во декември.

Доколку добијам поддршка и од членовите но и од актулениот претседател мене ќе ми биде драго да бидам јас, ќе ми биде драго да ја водам партијата и да работам согласно либералните апостулати – порача Зајкова, која ќе биде првата жена претседателка на чело на либералдемократите.

Инаку, Милевски го презеде управувањето со ЛДП во 2015 година, наследувајќи го Андреј Жерновски, кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар.

Претходно, на чело на оваа партија биле споменатиот Пенов, идниот македонски амбасадор во Анкара Јован Манасиевски, како и поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев.

Влатко Стојановски

Поврзани новости