Костовски за Фокус: Штрајкот е само во мирување, ние не прифативме 12 посто покачување

by Fokus

Денеска во 14 часот започнуваат преговорите помеѓу СОНК и Министерството за образование и наука. Преку овие преговори, по пат на помирување со помош на овластен помирувач ќе се обидат да најдат решение за барањата на наставниот кадар.

-Најголемата забуна настана бидејќи известувањето од СОНК беше пратено вчера подоцна, а наставницте веќе беа дома и затоа спонтано дел од нив излегоа на протест, но сепак одлуката за ставање на штрајкот во мирување е согласно закон и тоа не значи откажување од барањата на наставниците, туку следење на законските одредби, вели за „Фокус“ Влатко Костовски претседател на синдикална организација при ООУ„Мирче Ацев“.

Тој појаснува дека забуната настанала токму со членот 18 од законот за решавање на работни спорови во кој пишува:

Член 18

Во случај на штрајк или спор во дејностите од општ интерес или во дејностите во кои прекинот на работата би можел да го загрози животот или здравјето на луѓето или да нанесе штета од поголеми размери, страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Постапката за мирно решавање на колективниот спор од ставот 1 на овој член завршува во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за мирно решавање на спорот. Дејности во смисла на ставот 1 на овој член се дејностите кои ги вршат работодавачите во областа на: електростопанството, водостопанството, сообраќајот, радио-телевизијата чиј основач е Република Македонија или единиците на локалната самоуправа, поштенски услугите, комуналните дејности, производството на ос-
новни прехранбени производи, здравствената и ветеринарната заштита, образованието, заштитата на децата, социјалната заштита, полицијата и одбраната.
Во случај на штрајк во дејностите од ставот 3 на овој член за времетраењето на постапката за мирно решавање на спорот од ставот 2 на овој член, штрајкот е во мирување.

 

– Тоа што денеска продолжи наставниот процес не значи дека сме ги прифатиле понудените 12 проценти, туку дека пристапуваме кон мирно решавање на проблемот и продолжување на преговорите за почитување на Колективниот договор и зголемување на платите, дополнува Костовски.

Тој додава дека по истекот на 10-те дена, членството повторно ќе се состане и ќе се донесат одлуки на кој начин ќе продолжи притисокот за исполнување на барањата на наставниците.

И претседателот на СОНК тврди дека тие на вчерашниот состанок не прифатиле никаква понуда, но дека со помош на овластен помирувач ќе се обидат да ги добијат бараните 18,4 проценти зголемување на платата, нов колективен договор и континуирано зголемување на платите за 2023 и 2024 година.

– Во рок од десет дена треба да завршат преговорите. Потоа ќе знаеме што сме постигнале и како ќе дејствуваме понатаму, додава тој, не сакајќи да најавува евентуално продолжување на штрајкот.

Тој вели дека наставниците се доволно искусни за да можат пропуштениот наставен материјал да го надоместат без да има потреба да се надополнуваат изгубените часови.

– Не верувам дека ќе има потреба од продолжување на учебната година. Наставниот материјал може квалитетно да се помине во различна форма од претходно предвидената, но сепак тоа нема да биде „претрчување“ на програмата. Секако дека ние нема да се мешаме во одлуката на МОН и на Бирото за развој на образование, но ако не консултираат може да излеземе со предлог на кој начин да се одвива наставата до крајот на учебната година, вели Неделков.

Наставници реагираат на помирувањето со МОН и велат дека тие никогаш не поднеле тужба до МОН и затоа нема потреба од помирување.

– Доколку ние поднесевме тужба до МОН за да ни ги исплати парите за шесте години кога не беше направено усогласување на нашите плати, ќе можеше да се каже дека има потреба од помирување. Тука не станува збор за тужби, ние не сме во работен спор, туку сме во штрајк, реагираат наставниците.

Соња Танеска

Поврзани новости