Косово пет години не одговорило на барањето за екстрадиција за Алил Демири – ново не се испраќа

by Fokus

Министерството за правда тврди дека барањето за екстрадиција за Алил Демири, уапсен вчера во Приштина, кое било пратено во 2018 година е се уште активно, но и по пет години се уште не добиле одговор од Косово. Се уште нема информации дали на Демири му е одреден притвор.

– За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 05.09.2018 година. Во постапките, сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен, велат од Правда.

Демири беше два пати правосилно осуден за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, што се случи на 12 април 2012 година, а се бараше со меѓународна потерница за кривично дело „тероризам“.

За петкратното убиство кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, а на девет односно 25 години беа осудени Хаки Азири и Фејзи Азири.

Поврзани новости