Композиторот Новачевски ќе биде кремиран, пепелта ќе биде расфрлена на планина

by fokus

Легендарниот композитор Тоде Новачевски, кој вчера на 65-годишна возраст ја изгуби битката со канцерот во Австралија, ќе биде кремиран.
Негова желба било кремирањето, а потоа семејството ќе ја расфрлело пепелта на некоја планина, за да биде слободен.
Веста за ,,Фокус” ја потврди Росана, сестрата близначка на неговата поранешна сопруга Маријана, со која композиторот остана близок до крајот на животот.

-Нема да има класичен погреб, а на кремирањето ќе бидат присутни само најблиските. Жалам, плачам, но ништо не можам да сменам, останува да се научиме да живееме со болката – вели Росана.

Додава дека Тоде бил во Македонија за последен пат пред околу пет години. Изминатиот период имал голема желба повторно да дојде, да го види татко му за последен пат, но бил спречен поради корона вирусот.

-Не можевме да смениме ништо, ниту да му помогнеме, за жал… Целото семејство тажиме… Солзи, солзи, но да го вратиме не можеме. Нека му се отворени рајските порти, каде како што кажуваше во неговите последни денови, дека ќе се сретне со нашето братче кое го сакаше многу, и ќе музицираат заедно, бидејќи музиката беше нивниот живот – емотивно раскажа Росана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости