Кој бизнисмен купил плац среде Центар за 7 евра квадрат?

by Фокус

Скопскиот градежен бизнисмен Фатмир Етеми е сопсвеник на компанија „ЗСФ-КОМ“, која успеа да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“.

Како што објави „Само прашај“, државното земјиште било приватизирано по багателна цена, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра.

Имено, Министерството за финансии на крајот на минатата година донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.

Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, кои, според документите, се наменети за изградба на хотелски комплекс.

Притоа, сите четири парцели се запишани во еден имотен лист со број 58982 во Центар, а Министерството за финансии пресметало дека за приватизацијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари, што значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.

Според „Само прашај“, Етеми во септември 2017 година купил недвижен имот (земјиште и стан) на улицата „Васил Ѓоргов“, коишто се дел од парцелите КП 280/17 и КП280/2. Но, во истиот Имотен лист е и КП 280/13, која произлегувала од стара парцела каде што имало легализирана дивоградба, па и таа се запишува со право на сопственост по основ на легализација.

Бизнисменот со поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, во октомври 2020 година потпишал договор за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со сопственици на објекти за коишто има решение за легализација, за што Етеми платил по едно евро квадрат за објекти со вкупна површина од 171 квадратен метар или нешто над 10 илјади денари.

Од Општина Центар за порталот откриле дека тој бара спојување на парцелите, па наместо хотел и зграда, таму да никне деловен објект.

„Со важечкиот ДУП, на наведената локација се предвидени две градежни парцели, од кои едната е со намена хотел, а другата со намена домување – станбена зграда. До Општина Центар – Скопје поднесена е и иницијатива за промена на овој дел од деталниот урбанистички план, со која се бара спојување на двете парцели во една и промена на намената во објект за деловна намена“, велат од Општината.

Етеми, пак, потврдил дека планира изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка. Таму сега има две парцели, едната стекната преку дооформување на парцела, наменета за домување и онаа со хотелот преку приватизацијата од Министерството за финансии, но, како што вели, идејата за голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“ му ги „поматило“ плановите.

-Со сегашниот ДУП се предвидени станбена зграда и хотел. Таму има две маркици. Но, бидејќи не е соодветно да има станбена зграда покрај кружен тек и хотел, за кој давачките за комуналии, односно надоместокот за уредување на градежно земјиште е минимален, што не е во интерес и на Општината, иако таков е законот, затоа ние како сопственици на објектите и на земјиштето предлагаме двете маркици да се спојат во една за деловна зграда, за да нема станбена зграда и хотел. Со тоа ќе имаме заеднички интерес со Општината, а просторот ќе се уреди похумано – вели тој.

Инаку, продажбата на овој плац предизвика вербална војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Поврзани новости