Ќе се случи ли крах на безбедносниот систем?!

Помина рокот од шест месеци, а Собранието сè уште не ги донесе измените на Законот за електронски комуникации. Ако на некоја од следните седници, Уставниот суд ги укине спорните одредби, истражните органи ќе останат без важни докази против идните криминалци. Нема да знаат со кого разговарале на мобилен и каде се движеле.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во број 1541, објавен на 16.04.2025 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Пред два дена истече рокот од шест месеци што Уставниот суд му го даде на Собранието, за да направи законски измени на Законот за електронски комуникации, бидејќи во спротивно може да дојде крах на безбедносниот систем. Ситуацијата е крајно сериозна и загрижувачка, бидејќи доколку Собранието набргу не постапи по насоките дадени од највисокиот суд во државата, безбедносните структури ќе останат со врзани раце. Односно, на државата ѝ претстои опасност во блиска иднина, доколку биде извршено некое тешко кривично дело, на пример убиство или терористички напад, МВР и Обвинителството да останат без клучни докази, бидејќи нема да знаат со кого сè комуницирале и каде се движеле осомничените во критичните моменти.

Станува збор за употребата и пристапот на т.н. метаподатоци. Тоа се оние податоци што секој од операторите е должен да ги чува 12 месеци, за секој граѓанин.

ИСТЕЧЕ РОКОТ ОД 6 МЕСЕЦИ

Сè почна кон крајот на септември кога Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за електронски комуникации. Дел од одредбите им наложуваа на телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без за тоа да има судска одлука, како и тоа дека операторите се должни овие податоци по претходно барање да им ги достават на надлежните органи во случај на кривична постапка. Всушност, станува збор за метаподатоци, а не за содржина на пораките, чие следење се регулира со Законот за следење на комуникациите. Во случајот, се открива испраќач и примач на разговори и пораки, како и локација.

И бидејќи Уставниот суд реши да поведе постапка, по изминување на рокот што му го дадоа на Собранието за да направи измени, со цел да се запази уставноста на одредбите, на некоја од следните седници можат да ја стават точката на дневен ред, со што спорните одредби ќе бидат укинати или поништени. Во таков случај, како што неколкупати предупреди претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, одговорноста ќе ја сноси институцијата што не постапила, а во случајот тоа е Собранието.

На прашањето што ќе се случи доколку Собранието не постапи по дадениот рок за интервенција на Законот, претседателот Костадиновски за „Фокус“ појаснува дека Уставниот суд, на 14 октомври 2024 година му го испратил Решението на Собранието, во кое во третата точка на диспозитивот му е определен рок од шест месеци да изврши измена или дополнување на спорните одредби.

– Тоа значи дека Судот изрази сомнеж за членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации со кои е регулиран начинот на прибирање и задржувањето на „метаподатоците“ на граѓаните и за тоа го извести Собранието. Станува збор за сериозни одредби, кои се важни безбедносни органи и кои служат за евентуални откривања или докажувања на кривични дела, меѓу кои и најтешките и поаѓајќи од тој факт, одлучивме не да пристапиме кон мериторна одлука, туку на Собранието да му дадеме можност да интервенира и да ги промени на начин што ќе ги испочитува аргументите и правните стојалишта во Решението, ни изјави Костадиновски.

Тој појаснува дека на овој начин, Уставниот суд ѝ помага не само на законодавната власт, туку и на државата од секој безбедносен аспект да се заштитат граѓаните, но и граѓаните да се заштитат од неовластено, неуставно прибирање и обработка на нивните податоци.

Метаподатоците може да бидат клучни докази во некои кривични постапки, даваат информација за секој од нас каде се движи, со кого комуницира, со кого пишува итн. И не смееме да се доведеме до ситуација да нема правен основ органите да не може да дојдат до тие метаподатоци. Во една пригода прашав, кој ќе преземе одговорност ако се случи терористички акт во државата, а органите ги немаат тие информации, коментира претседателот на Уставниот суд.

ГАШИ НЕ ПРИМАШЕ НАРЕДБИ ОД УСТАВЕН, ПА СЕ ПРЕМИСЛИ

Тој потенцира дека судот во Решението дава насоки за тие членови што се уставно спорни, треба да ги доуредат, а да не се во спротивност со Уставот и тоа треба да се заврши час поскоро, за да не остане дупка во правниот поредок доколку судот ги укине членовите.

Засега оваа точка не е ставена на дневен ред, но тоа не значи дека Уставниот суд ќе чека до недоглед, бидејќи рокот истече на 14 април.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, неодамна беше дури навреден од роковите што му ги одредува Уставниот суд, па коментираше дека Собранието не може да добива наредби од судот.

-Знаеме која е функцијата на Уставниот суд, не сакам јас да им укажувам на тоа. И не знам како дојде до тоа да ни даваат рок. Знаеме дека треба да судат околу уставноста на некој донесен закон и нивно целосно право е да донесат одлука за некој закон. Додека нема одлука, ние не можеме да постапуваме, велеше Гаши, додавајќи дека Собранието не може да постапи по правилници и акти на други институции.

Но, сега, се чини претседателот на Собранието ја смири топката, па од законодавниот дом добивме одговор дека се постапува по Решението од Уставниот суд.

Во однос на Законот за електронски комуникации, од службата на Собранието е формирана Работна група, која има задача да постапи по Решението на Уставниот суд во рамките на своите надлежности, одговорија од Собранието.

Уставните судии, пред половина година оспорија три члена од Законот за електронски комуникации.

„Член 178 од Законот за електронските комуникации пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа, а член 176 став 3 од истиот закон пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи под услови и постапка утврдени со закон, при што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во согласност со член 17 од Уставот“, децидни беа судиите.

И подносителите на иницијативата пред судот сметаа дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација.

Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, според нив, постои ризик за создавање неограничена моќ, што е во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци.

Како што стојат работите, се чини дека Собранието, сепак, ќе постапи по насоките на судот. Во спротивно, наскоро би се случил страшен удар на безбедносниот систем на државата!

Поврзани новости