Текстот е објавен на 10 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.540.
Истрагата на обвинителството за злоупотреба тешка 167 милиони евра при набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ уследи по предистрага отворена по иницијатива на антикорупционерите, кои своевремено информираа дека вкупната набавка на мазут од „РКМ“ изнесува околу 212 милиони евра. Во периодот 2021-2023 година, кога се склучени спорните милионски договори, компанијата на Ратко Капушевски, чиј партнер во 2022 година станува Ерџан Сулкоски, во земјава има увезено 45 милиони килограми мазут. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“ од царината, во истиот период биле испитани 23 мостри при увоз на мазут на „РКМ“, а кај 6 се утврдени отстапувања од квалитетот, па затоа се вратени назад. Освен што увезувал, „РКМ“ купувал мазут и од штипската „Санс АГ“, која дури на почетокот на оваа 2025 година ја загуби дозволата за работа од Општина Штип, откако инспекторатот за животна во средина, како што нè известија од таму, прво во 2020 и потоа во 2023 година констатирал неправилности.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Уште пред Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција официјално да ја извести јавноста дека отворило истрага против 13 физички лица и едно правно лице во врска со спорните набавки на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, политичките партии од власта обвинија дека, освен врз буџетот, се направила штета и врз здравјето на граѓаните, кои, според нив, биле труени со „канцероген мазут“.
„Врвот на лицемерието кога СДС и Венко Филипче ронат солзи за аерозагадувањето, а поради бизнис и пари нивниот пратеник и бизнис ас (Исмаил) Јахоски го труе народот со мазут. Денес нема да чуете од СДС загриженост поради загадениот воздух, но ќе видите како криминалците на Филипче, поради провизии и бизниси, го труеле народот со канцероген мазут. Колку училишта и министерства набавиле од канцерогениот мазут на другарите на Филипче?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, слично соопштение објави и нивниот коалициски партнер ВЛЕН, со тоа што тие нападот не го насочија кон СДСМ, туку кон нивниот главен противник – ДУИ. Според ВЛЕН, и овој случај покажал дека „сите патишта на ова раководство на ДУИ водат кон братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков“.
„Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на Борис Трајковски, како играч на Мијалков и Сергеј Самсоненко станува играч во бизнисот со нафта и се ортачува со синот на Исмаил Јахоски алијас Пуцко Петрол, човекот од највисока доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР, овој режимски картел неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори, чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут“, истакнаа од ВЛЕН.
Во меѓувреме, се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој, одговарајќи на новинарско прашање, меѓу другото, изјави: „Овие луѓе што правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани, со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип недозволиви материи, со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот, кое е уставно гарантирано за сите граѓани“.
Сепак, овој сегмент поврзан со квалитетот на увезениот мазут, за кој известуваа и дел од медиумите, посочувајќи дека имал „повисоко ниво на сулфур и други штетни метали“, кои може да го загрозат здравјето на луѓето, почвата и водата, не се споменува во соопштението на Јавното обвинителството во врска со отворената истрага, која впрочем следува по спроведена предистражна постапка по иницијатива на Антикорупциската комисија…
СОМНЕВАЊЕ ЗА МИЛИОНСКА ЗЛОУПОТРЕБА
Имено, во соопштението на Обвинителството се наведува: „Во периодот на 2021-2023 година, двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, поднеле невистинита документација.
Со намера да го изиграат договорот, не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата, остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра.
Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ.
Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут сè до 24.2.2023 година.
Паричните средства, кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД ЕСМ, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила „мерцедес бенц“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина.
Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен меѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000 денари за наводно извршени работи согласно договорот, кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот, така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација, ги трансферирал по основ на позајмица кон своето правно лице“.
НЕ СЕ ИСКЛУЧУВА ПРОШИРУВАЊЕ НА ИСТРАГАТА
Имајќи предвид дека премиерот, владејачките партии, како и дел од медиумите говорат и објавуваат дека мазутот бил „канцероген“ и дека предизвикал штета врз здравјето на граѓаните и животната средина, до Обвинителството упативме прашање дали и овој аспект е дел од истрагата и дали има можност да се проверат ваквите сомнежи, со оглед дека мазутот веќе е употребен? Од таму го добивме следниов одговор:
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција при спроведување на истражните дејствија ги опфаќа сите околности поврзани со предметот во кој постапува, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата, како кон други лица, така и за други кривични дела за кои во текот на постапката се обезбедени и допрва ќе се обезбедат докази“.
Инаку, со истрагата е опфатена компанијата-снабдувач „РКМ“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, сопственикот на нафтената „Пуцко петрол“ – Асмир Јахоски (син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски), поранешниот генерален директор на ЕСМ Васко Ковачевски, како повеќе секторски директори на државната компанија за производство на струја и членови на комисиите за јавни набавки. Всушност, тие се товарат за злоупотреба тешка 167 милиони евра при набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ за периодот 2021-2023 година.
„Фокус“ побара податоци од Царинската управа колку количества мазут има увезено „РКМ“ од 2021 година досега? Патем, прашавме дали царината преку царинската лабораторија, согласно своите можности и надлежности, вршела проверка на мазутот што оваа компанија го увезувала во периодот 2021-2023 година за потребите на ТЕЦ „Неготино“? Ако е така, што покажале овие проверки и испитувања?
Притоа, од таму ни одговорија фирмата во 2021 година увезла 1,46 милиони килограми, во 2022 година увезла 17 милиони килограми, во 2023 година увезла 26,6 милиони килограми и во 2024 година увезла 2,47 милиони килограми мазут. Значи, од 2021 година заклучно со ланската 2024 година, друштвото има увезено 47,5 милиони килограми мазут во земјава, додека за периодот опфатен со истрагата (2021-2023), увозот на мазут изнесувал 45 милиони килограми.
Во истиот период, според информациите што ни беа доставени, испитани се 23 мостри при увоз на мазут на „РКМ“, од кои кај 6 се утврдени отстапувања од квалитетот и сите се вратени назад, односно цистерните со мазут не се пуштени во државата. Во однос на тоа, дополнителни податоци одбија да ни споделат од страна на царината, со образложение дека тие се дел од истрагата што ја отвори обвинителството.
ОДЗЕМЕНА ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА
За потсетување, по излегувањето на сторијата на ИРЛ „Заговор против воздухот“ во 2021 година, државните институции спроведоа сеопфатна анализа за увозот на мазут. Како што информираше тогашниот вицепремиер Љупчо Николовски, биле утврдени неправилности кај дел од компаниите-увозници и биле изречени решенија за забрана за работа и за пуштање во промет на мазут, а биле покренати и барања за одземање на лиценците. Вкупно, на 7 компании им беа изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра.
Тогашниот министер за економија, Крешник Бектеши, меѓу компаниите што ги прекршиле прописите ја наведе и „РКМ“ во контекст дека немала залихи и не водела точно сметководство, истакнувајќи: При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај „РКМ“, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Направено е прераспределување во правилна тарифна ознака и од фирмата е наплатен царински долг во износ од над 24 илјади евра“.
Покрај „РКМ“, меѓу 7-те субјекти што тогаш беа наведени поради утврдени неправилности се и 2 компании, за кои, како што рече Бектеши, бил доставен допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање лиценца поради производство на производ што го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива.
Една од нив е „Блу технолоџи“, кој која било констатирано дека продава мазут, кој како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива, поради што Државниот пазарен инспекторат изрекол Решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. И, втората компанија е „Санс АГ“, каде што Државниот инспекторат за животна средина, пак, утврдил дека производство на мазут од отпадни гуми е без исполнување на стандардите за квалитет.
Уште тогаш, за оваа компанија беше изречена забрана за работа и барање за одземање на Б-интегриранана дозвола, која ја издава матичната општина, т.е. во случајов – Општина Штип. Како што нè информираа од Инспекторатот за животна средина, биле извршени 2 вонредни инспекциски надзори во 2020 и во 2023 година, при што и во двата наврати, инсталацијата на „Санс АГ“ немала никакви работни активности. Притоа, биле издадени решенија за забрана за работа и биле покренати 2 прекршочни постапки.
„Од страна на ДИЖС, уште за време на првиот вонреден надзор од 2020 година кога присуствуваше инспектор за животна средина од Општина Штип, беше и усно и писмено укажано за остапките по Б-интегрираната дозвола што ја издала и ја контролирала Општина Штип и беше побарано нејзино повторно преиспитување и одземање од Општина Штип како надлежен орган за издавање и контрола на оваа дозвола. По однос на ова известување и укажување за констатираните низа пропусти во издадената дозвола од Општина Штип, пред неполн месец сме известени дека истата е одземена“, велат од инспекторатот.
ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА „ЕКОЦИТ“
Оттука, Општина Штип ѝ ја одзела дозволата за работа на „Санс АГ“ дури оваа 2025 година, или, според Решението со кое располагаме, на 27.1.2025 година, што е цели 5 години по првиот вонреден инспекциски надзор, кога надлежниот инспекторат за животна средина ѝ укажал на локалната самоуправа дека компанијата отстапувала од Б-интегрираната дозвола. Згора на тоа, 3 години подоцна е извршен уште еден инспекциски надзор, па дозволата конечно е одземена годинава.
Она што е дополнително интересно, дел од мазутот што го произведувала оваа компанија на Виктор Сарафов го набавувала „РКМ“ на Капушевски и Сулкоски. Во таа насока, ТВ Телма објави дека опасно тешко масло за ложење, произведено во штипската „Санс АГ“, било продавано како мазут од страна на „РКМ“. Воедно, телевизијата објави дека и Финансиската полиција отворила истрага за зделките со мазут меѓу двете компании, затоа што откриле фиктивни фактури со лажни податоци.
Уште во 2021 година, сите наводи за „РКМ“, „Санс АГ“ и другите компании дека продавале мазут, кој не е деклариран во Правилникот, дека имало отстапки на граничните вредности за квалитет на мазутот, дека мазутот имал поголем процент на вода, па дури и дека се произведувал мазут од отпадни гуми, тогашната влада ги достави до Јавното обвинителство. Но, истрага беше поведена дури 5 години подоцна, и тоа за една од тогаш наведените компании, која засега е во фокусот поради милионски финансиски криминал.
Сепак, не се исклучува можноста за проширување на истрагата, вклучително и во насока на еколошките последици од увезениот и употребен мазут. Во Кривичниот законик, „екоцидот“ е поново кривично дело за кое се предвидува казна затвор од најмалку 10 години, па сè до доживотен затвор: „Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор“.
Во подготвувањето на овие членови учествувала невладината организација „Центар за правни истражувања и анализи“. Никола Јовановски, програмски менаџер на здружението, за „Слободен печат“ вели дека овој предмет може да биде пионерски во примената на „екоцидот“, иако порачува дека докажувањето ќе биде тешко. Според него, во тоа треба да бидат вклучени Државниот инспекторат за животна средина, Царинската управа, како и установите што се одговорни за здравјето на граѓаните.
– Ако го анализираме овој случај, ќе видиме дека со дејствијата што се преземени, реално е предизвикана голема штета на животната средина и особено е важно да се истакне дека е направена штета и по здравјето на луѓето. Она што е битно е да се види колку време траело сето тоа, да се направи една анализа, да се види колку било тоа распространето, односно мазутот, отпадното масло или штетните материи, колку биле распространети на територијата на државава и во колкаво количество, во колкава мера било тоа употребувано – посочува Јовановски.
Институт за јавно здравје
НАД 4 ИЛЈАДИ ЛУЃЕ ГОДИШНО УМИРААТ ОД ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ!
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје пишува дека во Македонија годишно умираат повеќе од 4.000 луѓе од загадениот воздух.
„Долготрајната изложеност на високо ниво на загадување на воздухот е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак. Кога станува збор за амбиенталното аерозагадување, станува збор за еколошка нееднаквост што ги влошува здравствените разлики, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми“, стои во извештајот на ИЈЗ објавен во февруари.
Вртоглав раст
„РКМ“ ОСТВАРИЛ ПРОФИТ ОД НАД 6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА САМО ЕДНА ГОДИНА!
„Мојата компанија работи исклучиво со приватни компании и не планираме да даваме понуда на тендер за снабдување државни органи“ – ова за „Фокус“ го изјави Ратко Капушевски во 2020 година, кога неговата „РКМ“ доби лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за трговија на големо со мазут.
Но, веќе во следните 2021 и 2022 година, „РКМ“ склучила договори со државната компанија за производство на струја АД ЕСМ за снабдување со мазут на ТЕЦ „Неготино“, поради кои беше отворена истрага против „РКМ“, Капушевски и неговиот партнер Ерџан Сулкоски, кои се сомничат дека оствариле имотна корист на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167,5 милиони евра.
Откако ги склучи договорите за мазут за ТЕЦ „Неготино“ во 2021 и во 2022 година, кои, според Антикорупциската комисија, изнесуваат 212 милиони евра, се забележува драстичен скок на приходите и на профитот на „РКМ“.
Имено, компанијата, видлив раст прво прави во 2021 година, кога остварува приходи од 517.915.297 денари (добивката изнесувала 13.508.174 денари), што е значително повеќе во споредба со претходната 2020 година, кога приходите изнесувале 64.328.673 денари (добивка била 2.077.403 денари).
Но, најголемиот раст компанијата го прави во 2022 година, кога остварува приходи од дури 6.816.694.148 денари (над 110 милиони евра) и добивка од 384.421.387 денари (6,2 милиони евра). Во следната 2023 година, пак, приходите паднале на 4.465.470.454 денари (над 72 милиони евра), а добивката изнесувала 193.112.324 денари (3 милиони евра).
Деловни релации
БИЗНИС-ПАРТНЕРОТ НА КАПУШЕВСКИ БИЛ ПАРТНЕР И СО ЗЕТОТ НА АХМЕТИ!
Откако „РКМ“ на Ратко Капушевски ги склучува милионските договори за мазут за снабдување на ТЕЦ „Неготино“, кои резултираат со драстичен раст на обртот на друштвото, нов доминантен содружник на „РКМ“ станува Ерџан Сулкоски, кому, како што објави „360 Степени“, Капушевски му продал мнозински удел од 65 проценти за само 24 илјади евра.
Порано, односно до средината на 2023 година, Сулкоски бил дел и од компанијата „К.С.А. Интернатионал“, чиј единствен сопственик моментално е Куштрим Смајлај, зет на Али Ахмети, пратеник и лидер на ДУИ. Боде очи фактот што оваа компанија била формирана во 2022 година за изградба на згради и веќе истата година ја завршува со приходи од цели 722.465.227 денари и добивка од 124.328.185 денари.
Моментално, Сулкоски е единствен сопственик на „Пацифик петролеум“, каде што порано содружник бил Армин Машовиќ, кој бил основач на уште една компанија. Тоа е друштвото „Хеј“, кое го купи ресторанот „Фестина“ во Визбегово и подоцна го даде под закуп на Државна лотарија на период од 10 години за 2,6 милиони евра. За ова се води предистрага.
Во меѓувреме, Машовик излегува од сопственичката стурктура на „Хеј“, но останува нејзин управител, а нов единствен сопственик од тогаш до денес е газдата на нафтената компанија „Пуцко петрол“ – Асмир Јахоски, кој, исто така, е на листата на осомничени во рамки на истрагата на спорните набавки на мазут, каде уште се опфатени поранешни директори на ЕСМ и членови на комисии за јавни набавки.