Катица Јанева со забелешки за ДЗР: Дали е ова порака повеќе никој и никогаш да не гони висока корупција?

by fokus

Дали е ова порака повеќе никој и никогаш во оваа држава да не се занимава со гонење на високата корупција на начин како што го правев тоа јас и Специјалното јавно обвинителство, бидејќи на крајот ќе биде предмет на преиспитување, пост фестум. Ова е едно од прашањата кои ги поставила поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, а се најде во низата забелешки што ги испратила до Државниот завод за ревизија кој денеска го објави извештајот за исплатата на додатоците што се делеле во поранешното СЈО.

Јанева е во домашен притвор и ја чека правосилноста на пресудата за случајот „Рекет“ во којшто беше осудена на седум години затворска казна. Забелешките ги испратила кон крајот на јуни по скандалот што се случи во оваа институција кога Јанева се соблекла во знак на револт бидејќи без да биде известена била насилно однесена кај ревизорите. Сепак во конечниот извештај ДЗР нотира дека во СЈО незаконски се исплатени додатоци во износ на 4,5 милиони евра.

Иако ДЗР не ги прифатил нејзините забелешки сепак тие се јавно објавени, а во нив Јанева прашува „дали неуспехот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да ја докаже мојата наводна улога во „Рекет“ резултира со вакво постапување и обиди по секоја цена да бидам дискредитирана“.

Јанева тврди дека одлуките за надоместоци за јавните обвинители, истражители и други вработени во СЈО ги донела по примањето на незаконски прислушуваните материјали кои ги предаде СДСМ во СЈО.

-Интенцијата на ова беше вкупните примања на јавните обвнители и вработените во СЈО да бидат во согласност со меѓународните и регионалните стандарди за ваков вид на јавнообвинителска работа и адекватни на одговорноста, сложеноста и посебните услови за работа со кои очекувано требаше да се соочиме јас како Специјален јавен обвинител, јавните обвинители и истражителите, пишува Јанева.

Овие надоместоци, според неа, биле заштитен механизам разговорите коишто ги слушале јавните обвинители и другите вработени да не излезат во јавност.

– Во содржината на незаконски прислушуваните разговори има моменти кои и тоа како се однесуваат на јавниот интерес, но подеднакво задираат и во личниот живот и приватноста на граѓаните и на други лица, амбасадори и сл. кои биле предмет на незаконско прислушување. Не знам дали можете да претпоставите што би значело доколку еден, и тоа само еден сензитивен разговор излезеше во јавноста? Ние спроти себе ја имавме заробената држава и целокупниот државен апарат во борбата против високата корупција. Тоа бараше пожртвуваност, работен ангажман кој не може да се изброи преку саати за прекувремена работа, работа во неработни денови и празници. Да не заборавам да ги наведам заканите по нашиот живот и безбедност, по безбедноста на нашите семејства за што доволно е да ги споменам случаите кои се јавно обелоденети, кога во тетратката пронајдена при претрес на обвинет беа содржани податоци од деталното следење на движењето на обвинителите и другите вработени во СЈО, вели Јанева.

Законската основаност на исплатата на надоместоците ја правда со членот 6 од Законот за Специјално јавно обвинителство кој и ја гарантираше автономноста и самостојноста во раководењето со СЈО. Додатоците тврди дека ги имало и во финансискиот план во кој било наведено дека во делот на платите ќе се почитува законската регулатива, но во делот на додатоците ќе се применува Законот за СЈО.

-Вкупните средства за исплата на надоместоците секогаш јавно и транспарентно беа наведени во предлог буџетите на СЈО. Средствата се исплатувани од редовната буџетска сметка на СЈО, значи нема никакви тајни сефови и сокриени исплати. Секогаш се исплатувани од соодветната ставка каде беа планирани и одобрени со донесените буџети, што значи дека одговорните за исплата на овие надоместоци секогаш имале увид во финансиското работење на СЈО, пишува Јанева и прашува дали во евентуалната одговорност треба да се вклучат и министрите за финансии и Советот на јавни обвинители кои без забелешки ги прифаќале финансиските извештаји.

И покрај бројните забелешки кои засегнатата страна има право да ги даде во секој ревизорски извештај, ДЗР не ги прифатил со образложение дека во ревизијата биле земени предвид сите подзаконски и законски акти, како и нејзиното дискреционо право кое и го даваше специјалниот закон.

Ф.Ф.С.

ДЗР: СЈО незаконски исплатило 4,5 милиони евра за додатоци на плата!

Поврзани новости