АРХИВА Какви политички врски имаат главните играчи во атрактивниот бизнис со канабис?

by Фокус

Текстот е објавен на 11.05.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1179

Фокус“ во минатиот број пишуваше за двете компании за одгледување канабис, „МАМ“ и „ФМК“, каде удел имаат роднини на премиерот Зоран Заев. Дополнителната проверка на партнерите на Заеви покажува дека еден од нив, Сејди Шахсивари, претходно учествувал во изградбата на јавни објекти во вредност од десетина милиони евра, а склучил и договори за концесија со државата за експлоатација на варовник и за производство на струја преку мали хидроцентрали. Но, откриваме дека во овој атрактивен бизнис влегува и семејството на гостиварскиот бизнисмен Кодра преку компаниите „АЦПВ“ и „Ф&М 2017“, кој, пак, важи за близок до Алијансата за Албанците на Зијадин Села!

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Откако претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ воспостави законска рамка за одгледување канабис за производство на масло, Македонија стана четринаесеттата европска држава што овозможи одгледување марихуана за медицински или научни цели. На тој начин, се отвори ново бизнис-поле, каде интерес видоа многу странски компании, но и домашни бизнисмени, меѓу кои може да се сретнат и лица поврзани со јавни функционери и политички партии, како од власта, така и од опозицијата.

Во минатиот број „Фокус“ пишуваше за вклучувањето на семејството на премиерот Зоран Заев во бизнисот со канабис преку две компании. Една од нив е светиниколската „МАМ“, каде најголем содружник е „Еленица“ во сопственост на Заеви, а управител е првиот братучед на лидерот на СДСМ, Трајче Заев. Освен што семејството на премиерот ја откупило оваа компанија, паралелно формирало и ново друштво со истата дејност во Валандово.

Имено, станува збор за компанијата „Фарма Медика Канабис“, во која удел има споменатиот Заев, како и други роднини на првиот човек на владата – Бобан Заев и Катерина Бојовиќ – Заева, заедно со штипски бизнисмени и еден албански државјанин. За разлика од првоспоменатата компанија, која поседува лиценца за одгледување канабис уште пред да ја откупат Заеви, оваа фирма се уште ја чека одлуката на министерството дали ги исполнува потребните логистички и кадровски услови.

Овојпат ќе посветиме поголемо внимание на партнерите на Заеви во двете компании преку кои го таргетираат атрактивниот бизнис со канабис, меѓу кои може да се сретне градежна фирма што добивала тендери и концесии, градела јавни објекти и мали хидроцентрали. Но, воедно откриваме дека во овој бизнис влегува и еден познат гостиварски бизнисмен, кој важи за близок до една опозициска партија на Албанците.

МИЛИОНСКИ ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНИ ОБЈЕКТИ

Во сопственичката структура на „МАМ“ од Свети Николе, која има посадено канабис во стакленик на површина од 20 илјади квадратни метри, покрај „Еленица“ на Заеви, има уште три фирми. Најпрепознатлива е тетовската компанија „Урбан План Констракшн“ (УПК), која главно се занимава со градежништво. Според податоците од Централниот регистар, сопственик на оваа компанија формирана во 2002 година е бизнисменот од Слатино, Теарце, кој во 2014 година беше награден за претприемач на годината – Сејди Шахсивари, кој воедно е управител на друштвото.

Инаку, во рамките на друштвото функционира и подружница за вадење чакал, песок и глина во локалитетот Сурин, кој се наоѓа во селото Рогачево, Јегуновце. Според Министерството за економија, кое склучува договори за концесија и води регистар на концесионери, „УПК“ има договор за експоатација на варовник во локалитетот Сурин. Овој договор е склучен врз основа на одлука на владата во 2011 година, која, како што е објавено во Службен весник, ја потпишал тогашниот вицепремиер Зоран Ставревски.

На официјалната интернет страница на тетовската компанија наведена е референтна листа, каде претежно се набројани јавни објекти на кои работело друштвото. Така, компанијата во 2007 и 2008 година изградила кружен тек, атмосферска канализација, коритото на реката Пена во Тетово и други зафати од патната и комуналната инфраструктура во вредност од над еден милион евра. Потоа, во 2009 и во 2010 година вршела градежно-занаетчиски работи во тетовската, гостиварската болница, но и на неколку скопски клиники, а ги градела и новите амбуланти во руралните средини – сето тоа во вредност од над 10 милиони евра.

Од поголемите договори на компанијата треба да се издвои оној од 2014 година во тетовската културна установа, изградба на нов театар и библиотека во Тетово во вредност од над 13 милиони евра. Од податоците објавени од Бирото за јавни набавки, пак, може да се види дека компанијата во 2015, 2016 и 2017 година склучила неколку договори за градежни работи и градежен материјал со Општина Теарце на чело со градоначалникот Исен Асани од редовите на ДУИ, меѓутоа тоа се претежно помали договори од неколку десетици илјади евра.

ИЗГРАДБА НА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Податоците што ги потврдивме преку државните институции говорат дека во сопственост на „Урбан План Констракшн“ е компанија чија основна дејност е производство на електрична енергија. Поточно, тетовската фирма е сопственик на друштвото за производство на хидроелектрична енергија „Супер Ноува Енерги“, формирана во 2012 година, каде како управител се јавува Берат Шахсивари, исто така, од Слатино. Оваа компанија поседува две мали хидроцентрали на Одранска река во општина Теарце со вкупен капацитет од 510 киловати.

Според информации од Регулаторната комисија за енергетика, компанијата добила решение со кое стекнува статус на привремен повластен производител на струја за хидроцентралата на Одранска река со капацитет од 288 киловати кон крајот на 2016 година, согласно договорот за концесија за вода за изградба на мали хидроцентрали меѓу фирмата и Министерството за економија во 2012 година. Арно ама, на почетокот на 2017 година регулаторот и го продолжува привремениот статус на компанијата до април истата година, до кога треба да почне со комерцијална работа, бидејќи не го запазила претходниот утврдениот рок.

Речиси во истиот период, „Супер Ноува“ бара од РКЕ да и издаде привремен статус за уште една хидроцентрала на Одранска река со капацитет од 228 киловати. На почетокот на минатата година, регулаторот го одобрува барањето, меѓутоа фирмата и во овој случај бара продолжување на статусот до април 2018 година. Иако Комисијата и го одобрува и ова барање, сепак, се уште не и издала статус на траен повластен производител со користење на повластена тарифа, што, според Правилникот за повластени производители на струја од ОИЕ, укажува дека хидроцентралата се уште не е пуштена во употреба согласно рокот во привременото решение.

Во секој случај, „Урбан План Констракшн“ официјално објавил дека инвестициите во двете хидроцентрали изнесуваат над 1 милион и 800 илјади евра. Истовремено, од компанијата навеле и договор од половина милион евра за изградба на мала хидроцентрала, „Бачишка река 1“ во Кичево со капацитет од 1.403 клиловати, која, за разлика од другата, веќе фигурира во регистарот на повластени производители на струја, што значи дека почнала со работа. Меѓутоа, зад оваа хидроцентрала стои друга компанија – „Норд Енерџи Гроуп“, чиј сопственик е бизнисменот Аки Етеми, познат како еден од сопствениците на компанијата што стопанисува со слободната економска зона во Тетово.

ВО ИСТА ФИРМА СО ВИСОК ВЛАДИН ФУНКЦИОНЕР

Понатаму, достапните податоци говорат дека Аки Етеми бил дел и од фирмата за производство на струја „Албнор“, која ја изгради хидроцентралата „Башичка река 2“ во Кичево со капацитет од 1.170 киловати, па од 2015 година наваму поседува решение за повластен производител. Првично, сопственици на компанијата биле Етеми и ЕВН Електростопанство, но во 2016 година Етеми излегува од сопственичката структура на друштвото и на негово место влегува фирмата „Макпол“, која, според Централниот регистар, е во сопственост на Лазар Коцев.

Но, во текот на годината и ЕВН Електростопанство излегува од друштвото, а подоцна влегува компанија за трговија со електрична енергија „Енерџи Деливери Солушнс“ во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој одлучи да ја продаде на грчкото електростопанство за да го реши проблемот со судир на интереси, бидејќи како вицепремиер има главен збор во креирањето на енергетската политика. Сепак, денес ЕДС, односно грчкото државно електростопанство, не е сопственик во „Макпол“, туку друга компанија на Анѓушев – „Фероинвест“.

Оттука, еден од партнерите на Заеви во „МАМ“ е фирма која добила работа на јавни објекти вредни неколку милиони евра, а склучила и договор со државата за експлоатација на варовник за период од 30 години. Исто така, фирмата самостојно изградила две мали хидроцентрали, а градела и една хидроцентрала на друг бизнисмен. Тој, пак, своевремено бил косопственик на уште една компанија за хидропроизводство на струја, која денес е во косопственост на Анѓушев, заменик на Заев на „Илинденска“.

Што се однесува до другите двајца партнери на Заеви во „МАМ“, едната е познатата охридска фирма за трговија со сателитска опрема „Зора“, своевремено основана од Стојан Ѓоргоски, но денес ја управуваат неговите деца. И третата компанија е анонимната „Омега Инжинеринг“ формирана во 2009 година со седиште во Карпош за градежни и инсталатерски работи, чиј сопственик е Владимир Арсоски. До затворањето на овој број од весникот, никој не одговори на нашите прашања, вклучително за нивните мотиви за влез во бизнисот со канабис.

ШТИПСКО-СТРУМИЧКА КОМБИНАЦИЈА СО АЛБАНСКИ И БУГАРСКИ ПАРТНЕРИ

Во втората компанија за одгледување канабис во Валандово, најголем содружнички влог поединечно има штипскиот бизнисмен Славе Ивановски (2.500 евра), но доколку се соберат уделите од по 1.000 евра на тројцата членови на семејството Заеви (Трајче, Бобан и Катерина) ќе произлезе дека тие го имаат, условно кажано, контролниот пакет. Покрај нив, удел од 300 евра има и штипската фирма „Монолит Груп“, каде еден од сопствениците е поранешниот градежен инспектор во Општина Штип Горан Тренчевски. На крајот, исто толкав удел има и албанскиот државјанин Џулијано Кулау, кој се дообразувал во Бугарија, а живее во Штип.

И главниот партнер на Заеви во оваа фирма – Ивановски, е дел од мрежа на неколку компании преку кои дејствува во различни бизнис-гранки во Штип. Тој е косопственик на друштвото за производство и трговија „ОАЗА“ формирано далечната 1991 година, во партнерство со Митко Маџунков, главен дистрибутер на Скопска Пивара за регионот преку „Оаза Екстра Скопско“. Дополнително, Ивановски и Маџунков преку „Оаза“ се сопственици и на компанијата „ОАЗА угостителство“, која минатата година се подели на два субјекти – „Оаза Соња“ и „МБС Угостителство“. Сопругата на Ивановски, Соња Ивановска, пак, е сопственичка на „Оаза Минерали“ итн.

Во редот на компании со кои директно или посредно е поврзан Ивановски е уште една фирма што делува во бизнисот со канабис – „Оаза Алкалоиди“, формирана во 2016 година. Како што веќе пишувавме, тој е еден од многуте партнери во компанијата, меѓутоа со најголем удел од 160.000 евра. Потоа, бугарската фирма „КАН-А Консулт“ е содружник со влог од 26.000 евра, Ивана Штериова со влог од речиси 21.000 евра, а Сунчица Момировска, Розета Карова, Зоран Стевиќ, Милош Макрески и бугарскиот државјанин Александар Атанасов – Памуков со по 10.400 евра.

До Министерството за здравство, вкупно 12 компании поднеле барање за лиценца за одгледување коноп, при што одобрение добиле споменатите „МАМ“ и „Оаза Алкалоиди“, како и „НЈСК Холдинг“ од Скопје, „Каба Хербал“ од Скопје, „Медицал 420“ од Битола, „5 Летерс“ од Ресен и „АЦПВ“ од Гостивар. Како што не информираа од Министерството за здравство, моментално во фаза на обработка е барањето за лиценца на „Фарма Медика Канабис“ од Валандово, но и на уште една компанија – „Ф&М 2017“. Барањето на „Офах“, пак, било одбиено, додека нема информација што се случило со постапките на „Фармароли“ и „Грин Лајф“, кои поднеле барање, но тоА ниту било прифатено ниту било одбиено.

БИЗНИСМЕН БЛИЗОК ДО АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ

Од сите нив, прва одобрение доби „НЈСК“, зад која стојат американски инвеститори групирани во холдинг регистриран во американската сојузна држава Делавер, која важи за офшор-зона. Но, како управител на компанијата се јавува универзитетскиот професор Златко Кесковски, своевремено шеф на обезбедувањето на покојниот претседател Борис Трајковски и потпретседател на Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски. „НЈСК Холдинг“ доби одобрение во време кога министер за здравство беше Никола Тодоров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога компанијата почна да се занимава со овој бизнис во погоните на пропаднатата фабрика „Охис“.

За разлика од оваа фирма, која инвестира и во производство на масло, другите лиценцирани фирми засега исклучиво се занимаваат со одгледување на канабисот како суровина. Една од нив е „Каба Хербал“, која е регистрирана во Скопје, меѓутоа сопственичката на друштвото Емилија Котевска-Аврамчева има адреса на живеење во Полска. Друга е битолската „Медицал 420“ во сопственост на Тони Гашовски и Петар Прчков од Битола и српскиот државјанин Слаѓан Икониќ. Третата е „5 Летерс“ од Ресен, чии сопственици се ресенчанецот Зоран Јаневски и Крис Алан Свафер од американската држава Мичиген.

Сепак, особено интересна е компанијата „АЦПВ“ регистрирана во гостиварското село Беловиште. Според податоците од Централниот регистар, сопственици на оваа фирма формирана во септември 2017 година се Џарије Кодра од Беловиште и албанскиот државјанин Кујтим Пупулеку. Компанијата се поврзува со уште една фирма од истиот сектор, која поднела барање ама се уште не добила одобрение за одгледување канабис – „Ф&М 2017“, формирана во декември минатата година со седиште во Врапчиште. Сопственици на фирмата се Мирзана Кодра, исто така од гостиварско Беловиште и уште еден албански државјанин – Фатмир Меркај.

Всушност, лицата со презиме Кодра се дел од семејството на познатиот бизнисмен од Беловиште Веби Кодра, кој поседува неколку фирми што во значајна мера работат токму во Албанија. Како што е познато, тој беше кандидат за пратеник од малата партија на Хисни Шаќири во 2011 година, но во последно време е близок до Алијансата за Албанците. За блискоста меѓу Алијансата и Кодра сведочат фотографиите на кои бизнисменот може да се види во друштво и на маса со Села, но и со ексминистерот за здравство Арбен Таравари, кој потпишал неколку лиценци за одгледување канабис, но не и на компанијата поврзана со бизнисменот близок до неговата партија.

Арбен Таравари, генерален секретар на АА
КОДРА НЕ Е ДЕЛ ОД ОРГАНИТЕ НА ПАРТИЈАТА

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Тарабари, вели дека бизнисменот Веби Кодра не е дел од партиските органи.

Кога бев министер пристигнаа неколку барања за лиценци и јас не сум гледал кои се газди – вели тој.

Од компанијата „АЦПВ“ не добивме никакви одговори на прашањата, меѓу кои дали Кодра е политички активен и дали е член на АА?

Поврзани новости