Набрзо ќе се открие дали постои еден од клучните докази во „Монструм“, автомобилот „опел омега“, или некој го измислил

by fokus

Три дена по петкратното убиство, што се случи на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, тогашната министерка Гордана Јанкулоска на прес-конференција соопшти дека е пронајдено возилото со кое се превезувале извршителите на велигденскиот масакр. Црвена „опел омега“ беше еден од клучните докази на МВР, кој беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковско езеро.

МВР, а потоа и обвинителството, тврдеа дека во автомобилот било пронајдено и едно влакно, кое укажувало на ДНК на обвинетиот Алил Демири. Наводно, тој седел на задното седиште, од десната страна, бидејќи на потпирачот на седиштето било најдено влакното. Други траги или отпечатоци од обвинетите не беа најдени.

Според направените вештачења, и примероците од земја најдена на калниците од возилото, за кое обвинетиот Хаки Азири, додека ја имаше улогата на заштитен сведок, изјави дека бил автомобил за бегство, се совпаѓале со примероците од земја земени од местото на убиството кај Смиљковско езеро.

Но, одбраната се сомневаше во пронајдениот доказ, па бараше од судот да им дозволи да го видат возилото, бидејќи на прашање до вештакот дали на седиштата имало навлаки, тој одговорил дека не знае и дека само го вештачел влакното кое му било донесено. Токму затоа, од одбраната инсистираа да го видат возилото, но нивното барање било одбиено барем десетина пати.

По неколкуте барања, судијата прифати и дури и закажа датум кога да одиме да го видиме возилото, но подоцна ни кажа дека сепак нема да може да направиме увид, бидејќи обвинителството не се согласило, вели адвокатот Насер Рауфи, кој додава дека во ваков случај одлуката не ја носи обвинителството, туку судот.

Ова возило со свои очи не го видела ниту обвинителката Гордана Гешкоска, која го напиша обвинението. Таа неодамна ова го изјави за неделникот „Фокус“.

– Овој доказ го имам видено само во фотодокументацијата, изјави Гешкоска.

Таа за „Фокус“ појаснува дека кога се случи петкратното убиство, истата вечер не била на самото место, бидејќи таму бил присутен обвинител од основното јавно обвинителство – Скопје, а по нецел месец истрагата ја презело Обвинителството за организиран криминал, во кое тогаш работела. Автомобилот не го видел ниту тогашниот истражен судија Владимир Туфегџиќ, кој, исто така, ни појасни дека доказот го видел само на фотографија. И тој, како и Гешкоска, во истрагата се вклучил подоцна, односно на 2 мај истрагата ја презел Одделот за организиран криминал.

Истрагата за овој случај се водеше по стариот Закон за кривична постапка, поради што собирањето на доказите беше под водство на полицијата, а не на обвинителството, како што е предвидено со новиот закон. Ова значи дека доказите во првите 20 дена биле собирани од крим техника од МВР, во присуство на тогашниот дежурен истражен судија и дежурен јавен обвинител. Гешкоска и Туфегџиќ ги добиле стокмени, а потоа тие ги презеле останатите дејствија.

И за Врховниот суд е спорно зошто Кривичниот суд не дозволи одбраната да го види автомобилот, па затоа, кога ја укина првостепената и второстепената пресуда за овој случај,  даде насоки како да се постапи при повторувањето на постапката.

– Останале неутврдени фактите по однос на наслоните за глава во задниот дел на возилото, а видено од фотографиите, тие се различни по структура, при што го доведуваат во прашање фактот од кое возило се, потоа кој е бројот на шасијата, каде се било регистрирано возилото, дали наслоните за глава на задниот дел се фиксни, или истите можат по потреба да се извадат, монтираат, демонтираат, како и со каква материјална структура се тие наслони, се потенцира во одлуката на Врховниот суд.

Во текот на процесот, одбраната донесе и сведок кој тврдеше дека возилото со кое бегале убијците од местото на злосторството, црвената „опел омега“, било всушност на полициската единица „алфи “, па наводно било подметнато во случајот, но ова излезе лажна информација, бидејќи Интерпол обезбеди податоци за потеклото на возилото. Односно, Интерпол го најде сопственикот на возилото, кој живеел во Швајцарија, а неговиот татко го однел во Качаник – Косово каде што, како што рекол, го продал на непознато лице.

И извори на „Фокус“ тврдеа дека возилото постои, и дека било лоцирано преку сателитска снимка од Израел.

Дали возилото постои или не, набрзо ќе се разоткрие, бидејќи на денешното судско рочиште за Монструм, судијата Огнен Ставрев истакна дека сака со свои очи да го види возлото, па на наредното рочиште на 31 август ќе закаже термин. Тогаш конечно ќе се разреши шестгодишната мистерија дали ова возило навистина постои, бидејќи очигледно е дека досега никој од судот и од обвинителството не го видел, а е еден од главните докази.

Валентина Вурмо

Поврзани новости