Јошевска-Анастасовска: За крвавиот четврток треба да одговара и водачот на толпата

by fokus 19:44
19:44

За крвавиот четврток во Собранието кривична одговорност не треба да понесат само насилниците кои ги тепаа пратениците, новинарите и полицајците, туки и водачот на толпата, децидна е адвокатката Сузана Јошевска- Анастасовска. 

Таа за „Фокус“ појаснува дека водачот на толпата дури и не мора да повика на конкретното насилство, што подоцна ќе го стори толпата, за да одговара.

- Advertisements -

-Тоа што тој ја канализира енергијата на група луѓе со деструктивен набој е доволно за неговата одговорност. Всушност, тоа е слично како објективната одговорност- одговара не за тоа што конкретно го сторил (во смисла на конкретно дејствие), туку затоа што лекомислено повел огромна количина на луѓе и придонел да се создадат услови за сторување на кривичното дело. Со други зборови, треба да се сноси одговорност бидејќи без водачот на толпата е извесно дека истата не би го сторила кривичното дело или тој придонел со своето однесување да се создаде толкава негативна енергија која накрај резултирала со кривично дело, заклучува Јошевска- Анастасовска.

Адвокаткат додава дека во четвртокот биле извршени неколку кривични дела, од Загрозување на сигурноста до Убиство во обид, во смисла на запретената казна.

-Она што со сигурност можам да го кажам дека на дел од лицата кои се гледаат на видеата во прес салата во Собранието кривичните дела се строго индивидуализирани и никако не можат да се подведат под Учество во толпа. Доколку обвинителството остане со оваа квалификација, тоа ќе значи дека сака да ја минимизира одговорноста на дел од протестантите кои презедоа дејствија кои од кривично-правен аспект се далеку посериозни и бараат поголема одговорност, вели Јошевска- Анастасовска.

Таа појаснува дека учество во толпа значи одговарање заради самото учествување во толпата, без преземање на конкретни казниви дејствија.

Како што вели, според битието на делото, сите кои влегоа во Собранието се одговорни за Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, бидејќи акцентот е на толпата и на нејзиниот разурнувачки потенцијал како колектив, а не на едно лице како индивидуалец со посебна одговорност. Одговорноста на учесникот во толпата се претпоставува и само треба да се докаже дека бил на тоа место во тоа време, а не се докажува дека тој конкретно презел определени дејствија од кои настанале повреди на лица или оштетување на имот.

Во случајот со прес салата имаме конкретни, индивидуални потези на конкретни личности и никако тоа не може да биде Учество во толпа бидејќи крајно, тие се одметнаа од толпата која беше во главната сала со НАМЕРА да сторат посериозно кривично дело. Тие мора да одговараат, согласно доказите кои ќе се прибираат секој индивидуално согласно дејствијата кои ги презел (некој се заканувал, пцуел и предизвикал чувство на опасност, некој удирал со предмет и сила со која може да се очекува дека можат да настанат сериозни последици, па дури и смрт), вели Јошевска- Анастасовска.

В.В.

 

Поврзани новости