Бате Геле го „однесе“ Мијалков во Шутка

by fokus

Штипјанецот Ангеле Зафировски, кој што за медиумите уште во 2014 година тврдеше дека најголем идол во животот му е Сашо Мијалков, денес беше уапсен како првиот човек кој што го нападна лидерот на СДСМ Зоран Заев, за време на насилствата во Собранието, на 27 април.

ТВ 21 го објави видеото од апсењето на Зафировски, познат кај народот како Бате Геле, а впечатливо е тоа што и за време на апсењето, големиот обожавател на Мијалков ја носи јакната со неговиот лик, истата таа која што ја носеше и за време на нападот во Собранието.

Но не само на јакната, туку Бате Геле со себе го понесе во притвор во Шуто Оризари и ликот на Мијалков до срцето, во вид на тетоважа, а пак на рамото и ликот на Јордан, синот на Сашо.

Имено, штипјанецот уште пред неколку години раскажуваше за дневниот весник ,,Вест’’ дека поранешниот директор на УБК му го спасил животот, бидејќи му помогнал околу негово лекување, и со тоа станал неговиот најголем идоли и човек за кого што би сторил се во животот. Но и покрај тоа што пред неколку години се жалеше на слабо здравје, сепак на снимките од нападот во Собранието, тој се покажа како доста витален човек, со ,,интересни’’ боречки вештини, кој што маваше, клоцаше, но и фрлаше со тешки предмети по пратениците.

На почетокот на март, Бате Геле го сврте вниманието на јавноста со плакатата со морбидна ,,поезија’’, а во стиховите испишани покрај ликот на Заев, му порача дека му нашол поп и му ископал гроб.

Вики Клинчарова

Поврзани новости