Јакимовски: Европската агенда да ја ставиме на спореден колосек и да бараме алтернативи!

За почеток, ајде да склучиме билатерален договор со Англија, да ги тргнеме визите со Катар, Саудиска Арабија, Либан и со други арапски земји, да видиме дали може да донесеме нивни инвестиции овде, вели лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Стојам на ставот дека Преспанскиот договор не требаше да се потпише. Често ги слушам нашите раководители дека немаме друга алтернатива, освен Европа и некни на лидерската средба ги прашав дали Европа има алтернатива за Балканот освен Балканот во Европа? Јас гарантирам дека и Европа нема алтернатива, вели лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“.

-Мислам дека не требаше „главом без обзиром“ сѐ да дадеме само да сме членки на НАТО. Бев целосно во право кога кажав дека оваа територија му треба на НАТО за да биде затворено јужното крило. И војната во Украина го покажува тоа. Ние само требаше да издржиме и во НАТО ќе влезевме под привремената референца БЈРМ – вели Јакимовски.

Сепак, тој смета дека овој договор е веќе завршена работа, бидејќи е депониран во Обединетите нации, за разлика од, како што вели, француско-бугарскиот договор, кој не е депониран во ОН и затоа, според него, треба и може да се поништи. Воедно, Јакимовски посочува и европската агенда да се стави настрана и да се трага по алтернативи.

Тој договор нам ни прави штета и затоа сметам дека треба да се раскине, па дури и нашата европска агенда да се стави на спореден колосек. Кога ќе имаат желба нас да нѐ примат во ЕУ да го забрзаме тој процес. Дотогаш треба да бараме алтернативни решенија за подобар живот, зашто гледаме дека како што се доближуваме кон Европа, ние живееме сѐ посиромашно – вели Јакимовски.

Одговарајќи на прашањето на какви алтернативи мисли, тој вели: „За почеток, ајде да склучиме билатерален договор со Англија, која не е членка на ЕУ. Ајде да ги тргнеме визите со Катар, со Саудиска Арабија, со Либан и со други арапски земји, да видиме дали може да донесеме нивни инвестиции овде…“. Исто така, тој додава дека по нашето членство во НАТО се чувствува помалку безбеден од претходно.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости