Обер лицемери

by Fokus

Дали зад димната завеса на драмолетката „Лов на корумпирани политичари“ се сокрива микс од суптилен притисок и пазарење со „путерџиите на глава“ да прифатат протнување грст асли и новокомпонирани Бугари во Преамбулата на Уставот како државотворен народ?

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Пристигна американскиот тим за „лов“ на корумпирани поранешни и сегашни македонски функционери. Да истражи и да потврди дека дрчните апаши, собрани од кол и фортома, до коска ја глодаат „Нашата земја“, која забрзано издишува и клекнува на бандаши.

Власта и опозицијата се престорија нетокму и од не од тука, па ја променија реториката и хорски ги поздравија и ги поддржаа, божем едвај ги чекале и биле многу „среќни“.

ДРЖ’ТЕ ГО КРАДЕЦОТ

Обер лицемери е најсоодветен синоним за превртливи ликови, кои ги менуваат страните и ставовите според принципот „од каде дува ветерот“. Сорта од неквалитетен човечки материјал, „сончогледи“ што се вртат кон оној од кој имаат ќар.

Велемајстори за маскарада, лезбејки со вибратор, кои до вчера молчеа како покакани. Речиси нема сериозен случај на корупција што откриле надлежните седум до гола коска партизирани институции, плус заменик-премиерот за политики за добро владеење.

Тврдоглаво тврдеа дека нема такво чудо! Но, по доаѓањето на истражителите, ретерираа дека институционалната корупција е системска и ја има на секое ниво. Вртикапите ја променија реториката во „Држ’те  го крадецот“ и веднаш се ставија на располагање.

Полит-мафијашката багра, збирштина од кол и фортома, во изминатите три децении натрупа енормно азно. Што се вели, се најаде вошка, па се качи на рошка и заборави што беше. Дури сега си прајт со умон бајрам дека дошло време да ги растури своите страчкини гнезда од ендемски рушвет.

Тоа што не го сторија претходните влади на Папата, ниту на Мона Лиза, уште помалку Гаргамел, да не се зборува за Пастирот, за Зајко, па ич, октроираниот Таче реши пуздер да прави.

Упати оксиморонска порака дека „Нашата земја ги отпочнала преговорите со ЕУ (не е јасно кога!) и бескомпромисно се пресметува со корупцијата, борба која била високо на владината агенда“. Па, па, па, голем лаф кажа!

Оливер Спасовски, пак, продава рогови за свеќи, глаголејќи дека „свети СДСМ“ заедно со „пречесната ДУИ“, конечно ќе ги исечеле пипалата на „октоподот“ од ТАТ до денес.

Ако навистина експертскиот тим пристигна по покана од власта, како што се пуфта Бујар Османи, тоа значи срам, блам и признавање неспособност. Глумење лудило за инсталациите на неговиот партиски „бабо“, со кои се заштитуваат стотина корумпирани интегративци, примерно за „Маѓар телеком“, „Пациент“ итн.

ЗАШТИТЕНА БЕЛА МЕЧКА

Но, неговиот камелеонски клан дава беса дека ќе го уништел своето нечепнато корупциско дувло. „Заштитената бела мечка“ ветува гратис повторно активирање на Законот за ветинг, што го скалапи пред две години заради уметнички впечаток.

Кибритчиската финта од константата на секоја власт за божемска проверка на сопствениот ајдуклук, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, иронично го коментира дека „ако тоа верно се случи, тој ќе се обесел“.

Претседателот на најголемата опозициска групировка, Христијан Мицковски, контрашки изјави дека „не може луѓето што се креатори на криминалот и корупцијата, да ги решаваат проблемите“. Мил на мајка, доби амнезија и не ги осудува мега системските рушвети на неговиот криминоген клан кога беше на власт.

Доколку, пак, американскиот тим истражители пристигна неповикан, тогаш станува збор за странска интервенција во разнебитена држава без суверенитет, која е принудена на ваков начин да се справува со корумпираните политичари.

Како и да е, најголемиот парадокс е што и овојпат, токму најкорумпираните повикуваат на борба против корупцијата. Уште повеќе, беа поканети на брифинг на Калето! Белки не за дил да бидат дел од решението, на кои „октоподот“ им стана заштитен знак и вредносна категорија?

Евентуалните санкции од надвор можат да имаат ефект само доколку се верифицираат од домашното правосудство. Јанлаш работа ќе биде, ако продолжат да се менуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ остане константа!

Во овој контекст, се наметнува реторичкото прашање: зошто по истата аналогија, „Вујко Сем“ не прати тим од камшикари за расчистување на бугарската магла и влажни соништа за Македонија?

Дали зад димната завеса на драмолетката „Лов на корумпирани политичари“, се сокрива микс од суптилен притисок и пазарење со „путерџиите на глава“ да прифатат протнување грст асли и новокомпонирани Бугари во Преамбулата на Уставот како државотворен народ?

Поврзани новости