Тачи гласал и на претседателски избори, а Села и Груби само на парламентарни

by Фокус

Повикувам на гласање и се надевам дека ќе имаме масовна излезност и дека изборите и овојпат ќе бидат демократски и ќе бидат одраз на волјата на избирачите. Уверен сум дека нашата опција е таа за која ќе се определат гласачите, изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој е во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, откако го оствари своето право на глас.

Тој потврди дека гласал и за претседателските избори, а тоа може да се види и од фотографиите од гласаето. На прашаето од новинарите зошто гласал и за претседателските избори, Тачи рече: „Не сакам да го прекинам предизборниот молк со поширок одговор. Ќе кажам дека стојам зад одлуката на Европскиот фронт донесена на 2 мај во Струга, кога граѓаните беа повикани од нас самите да одлучат како ќе постапат во однос на претседателските избори“.

За разлика од него, неговиот поранешен сопартиец и актуелен лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села гласал само на парламентарни избори.

-Го искористив моето право како граѓанин. Ги повикувам сите граѓани да излезат масовно да гласат да го искористат нивното право, бидејќи тоа е суштината на демократијата, граѓаните преку својот глас да одлучуваат кој ќе ги репрезентира во Собранието. Да изберат која е политичката програма и платформа каде што тие се наоѓаат и тие да одлучат кој ќе ги претставува утре во власта, а не некој друг да одлучи на нивно место. Затоа ги повикувам да излезат масовно на гласање – изјави Села.

Исто така, и првиот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, не гласал за претседател на државата.

-Не гласав за претседателските бидејќи не сакам да легитимирам претседател или претседателка која е против УЧК, против Охридскиот договор, против добрососедството со Косово, со Бугарија, со Грција, против интеграција во ЕУ и уставните измени, против пријателството со САД. Не сакам идниот претседател или претседателка да го има и легитимитетот на гласовите на демократскиот свет тука во Северна Македонија, овозможувајќи избор на еден таков претседател. Затоа го искористив моето демократско право да гласам за парламентарните но не и за претседателските избори – рече Груби.

Поврзани новости