Извештајот на Влада е копи-пејст, реагираат активистите за заштита на Охридскиот регион

by Fokus

Извештајот на Министерството за култура до УНЕСКО за природното и културното наследство во Охридскиот регион, воопшто не кореспондира со состојбата на терен, реагираа 17 граѓански организации од Охрид, Струга и Поградец. Според активистите од 19 клучни препораки на УНЕСКО, отпочнат е процес само за 4 точки. Од граѓанските организации додаваат дека со извештајот само се прикриваат проблемите и, како што велат, „се става ѓубрето под тепих“.

„Извештајот е обичен копи-пејст, направен и поднесен до УНЕСКО. Многу аспекти од овој извештај не се точни и не кореспондираат со реалната ситуација. Неконтролираната урбанизација е спомната со четири реченици, иако е голем проблем во Националниот парк Галичица, а некојси црвен елен се појавува на половина страна. Значи, урбанизацијата е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти, со цел да се оддалечи вниманието на јавноста од овие проблеми“, вели Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид.

Активистите порачуваат дека крајно време е ситуацијата да се прикажува онаква каква што е, додека извештајот од 60 страни, велат, не може да ги опфати сите проблеми.

„Со ваквата хаотична состојба во урбанизацијата страда туризмот во Струга и Охрид. Голем проблем се и заштитата на Охридското Езеро и човечкото влијание врз екосистемот. Ние формиравме Стратегија за комуникација, која е препорака од УНЕСКО, но интересот на Владата и другите институции не е каков што треба да биде“, рече Ндерим Положани од невладината Капс Струга.

Невладиниот сектор се пожали дека државата воопшто не комуницира со нив за предметните прашања, иако е тоа една од препораките на УНЕСКО.

Поврзани новости