Изгледа само Спасовски и Николовски можеа „уште повеќе, уште подобро“

by fokus

Викендов Собранието расправа за новиот состав на Владата предложена од новиот мандатар Димитар Ковачевски. И има многу нови работи: почнувајќи од нов премиер, па до нови министри.

Веќе ги нема и поголем дел од носителите на листи на СДСМ од последните парламентарни избори. Од вкупно шест носители, сега во новата Влада остануваат само министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и доскорешниот вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

Изгледа само двајцата „борци“ против криминалот и корупцијата можеа „уште повеќе, уште подобро“. Слоганот под кој СДСМ настапи на изборите.

Идниот премиер Ковачевски при предложување на новиот состав на Владата рече дека одлуката за задржување на одредени министри во одредени ресори е донесена врз основа на анализи кои покажале дека се постигнати добри перформанси во тие ресори и дека е постигнат стандардот.

Во  Изборната единица 1  носител беше Никола Димитров, а втор носител (нешто што СДСМ го смисли за привидно да постигне родов баланс) беше Мила Царовска. И двајцата нема да бидат дел од новата Влада.

Димитров не се раздели со добро од СДСМ и ги нападна дека го тргнале, бидејќи имале различни ставови во однос на преговорите со Бугарија. Царовска рече дека сама се повлекува.

Во Изборната едница 2 носители беа Оливер Спасовски и Сања Лукаревска. И двајцата остануваат во тимот на Ковачевски.

Во Изборната единица 3 носители беа Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска. Николовски останува, а Шахпаска како и Царовска, сама се повлече.

Во Изборната единица 4 прв носител беше премиерот во заминување, Зоран Заев, а носителка беше и Соња Мираковска. Заев си поднесе оставка и од местото претсдател на СДСМ и од премиерската позиција по поразот на локалните избори. Мираковска е пратеничка во Собранието.

Во Изборната едница 5 носителка беше министерката за одбрана во заминување, Радмила Шекеринска, а втор носител беше Јован Митрески. Тој е пратеник во Собранието, а Шекеринска одби да остане во новата Влада.

Шекеринска рече дека се повлекува од Владата, поради несогласување со дел од политиките во СДСМ. Таа сооопшти дека се повлекува од министерката позиција поради принципиелни причини. Упати критики дека некои од пораките на јавноста СДСМ не ги слушнала или не ги разбрала како партија.

Во Изборната едница 6 носители беа тогашниот коалиционен партнер на СДСМ, Биљал Касами и Фаница Николовска. Партијата на Касами ја напушти владината коалиција.

Така, само Спасовски и Николовски останаа во новата Влада од носителите на листи со кои СДСМ дојде на власт. Двајцата ги „сотреа“ криминалот од корупцијата и добија награда од новиот мандатар.

Николовски изгледа толку ја сотре корупцијата, што неговото досегашно министерство за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси остана без работа, па ќе биде укинато. Најверојатно тоа ќе биде преименувано во министерство за добро управување, а Николовски ќе се врати во министерството за земјоделство.

Катерина Смилева Божиновска

 

 

 

Поврзани новости