Избори се и главата горе

by Фокус

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Прогласувањето на предвремените парламентарни избори, трети по ред предвремени за само шест години, веќе веројатно е направено дури го пишуваме ова. По вторпат тие се прават на барање на ДУИ, која со ова ризикува да стане најздодевниот играч во карташката дружина. Играч, кој од тоа што не знае и не умее да игра карти, везден само бара повторна поделба на картите.

Изјавата на Али Ахмети дека по предвремените може да следат пак вонредни, и така натаму, избори, всушност, може да се разбере само ако вака се прочита: како да се работи за играч-аматер кој, всушност, само при распределбата на картите се надева на некој успех или чудо зашто потоа е свесен дека нема шанси со вакво, никакво, знаење и секогаш со тие истите невешти луѓе да направи нешто што би било блиску до тоа за што се претставува таа дотична дружина: дружина која прави политика.

МУНТИ-ФИНТИ НА МОНТИ ПАЈТОН ДРУЖИНАТА

Можеби изгледа престрого квалификацијата дека ДУИ може да биде повеќе сè друго отколку тоа за што за се претставува − политичко организирање − но тоа е вистина кога не би бил ефектот од следењето на средствата за информирање за партиските активности. Средствата за информирање во Македонија често служат за дезинформирање, информирајќи дека тоа се навистина политички партии и дека Македонија е нормална демократска држава.

За промена некогаш треба да се прочита и годишниот извештај за човекови права на Стејт департментот, каде што се укажува дека партијата и државата се две различни нешта. Или да се прочита можеби единствениот политички документ произведен за речиси цели три години во Парламентот од парламентарците на ДУИ: иницијативата за распуштање на Парламентот. Преку речениците на тој документ може да се просуди поправилно за политичката компонента во дејствувањето на дружината на ДУИ.

МАСТИЛОТО ВО РАКА И ГЛАВАТА ГОРЕ

Но, при секои избори, дури и вака евтино, како во боливудски филм во режија на владејачките ДУИ и ДПМНЕ, ујдисани, најважна е опозицијата. Таа е адвокатот кој ефективно може да му го фрли црното мастило во лицето на Субрата Рој како пред Врховниот суд во Индија. Посебно важни се опозициските партии при секои нормални избори во демократските земји.

Но, Македонија, сепак, не е нормална демократска земја. За ова има и дополнителен аргумент во тоа што нема нормално невладино опкружување или цивилен сектор кој сега најнормално би требало да има низа активности против вонредните избори зашто без никаква издржана потреба, на само една година пред редовните, пак се прогласени избори. Или да се тргне со некоја кампања: НЕ на изборите, ДА на пописот!

Опозицијата, по урнек и терк на индискиот адвокат, треба да биде концентрирана на мастилото, броевите и на изборните правила, сосе списокот, каде што двете владејачки партии подеднакво имаат удел, ДПМНЕ со МВР и ДУИ со Министерството за правда. Секако со посебен осврт, за СДСМ на третата изборна единица, а за ДПА на првата, каде што се наоѓа Општина Чаир со сè уште нерасветлениот случај на изборен фалсификат.

Броевите и мастилото ќе бидат најважни во вакви избори, кога владејачката дружина сака уште еднаш, можеби за последен пат, да го дели етничкиот џокер, сега со превртена страна. Како што Никола Груевски со повиците контра ДУИ, всушност, одработува за тоа на ДУИ да му се зголеми одѕивот, а како што веќе направи и со пцуењето во и за Кичево. А, ДУИ  да му ја олесни работата на ДПМНЕ, со тоа што брза да побара предвремени избори истовремено со вториот круг на претседателските избори.

УШТЕ ЕДНИ ИЗБОРИ, ПРЕД СПИЕЊЕ

Може многу зборови да се наредат за тоа дека ова можеби се последните избори со делење етнички џокер, но најосновното е тоа дека Албанците веќе одамна имаат увидено дека без држава права, нема ни човечки, ни етнички права. А, Македонците дека, бранејќи ги институциите од Албанците, бранејќи ги какви-такви, дури и кога тие се неправедни и никакви, всушност, со тоа ѝ ги даваат институциите на партијата. Па, таа потоа одредува и заменик јавен обвинител?!

А, со тоа што му се приреди на единствениот автентичен кандидат за претседател, Кекеновски, на конвенцијата на ДПМНЕ, многумина, дури и внатре во самата партија, увидоа дека, всушност, не се работи за партија, туку за една мала братучедија, ете, со изнаредени мајки и тетки во свечената ложа.

КАМПАЊА ВО ЏАМИЈА, БЕЗ ИЗИМ ОД ПАРТИЈА

На крај да не се огрешиме кон претседателските избори, кои, сепак, временски се пред парламентарните, само да наведеме дека изгледа оти Ѓорге Иванов, со светската неповолна разлика што му ја прават Украина, Крим и Кремљ, е толку уплашен од можната консензуалност за Стево Пендаровски што, ете, решил изборната кампања да ја почне во џамија, брзо и без дозвола од партијата. А џамијата, сепак, е подревна институција за да може да функционира како космодиск. А, во нивите надвор од џамијата се берат калинките и, секако, се оберува бостанот! Што би рекол Бора од „Рибља чорба“ во еден стих од песната со наслов сличен на претходниот меѓунаслов: …љубим те, немој да се надаш…

Поврзани новости