Чуда се случуваат во „Државна лотарија“

by Фокус 11:54
11:54

Текстот е објавен на трети септември 2012-та во дневниот весник „Фокус“ во бројот 239

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

- Advertising -

Во рок од само една недела извлечени се шест исти броеви во домашната Лотарија, на која од 34 нумерирани топчиња се извлекуваат осум, односно седум плус едно дополнително. Ова невообичаено совпаѓање се случило на стартот од минатата година, поточно на 10 и на 17 јануари 2011 година и меѓу овие извлекувања имало само уште едно, и тоа на 13 јануари. Извлекувањата за „Ново лото 7/34“ се вршат двапати неделно, и тоа во среда и в сабота, а директен пренос има на ТВ Сител.

Анонимен читател испрати писмо до нашата редакција, во кое посочува дека на овие две извлекувања се повториле бројките 18, 20, 23, 29, 31 и 34 и вели оти токму поради тоа кај играчите на лото постои голема недоверба.

„Лотаријата едвај успева да собере до 20.000 евра, што значи дека е здодевна и неинтересна“, ни напиша читателот и редовен играч на „Ново лото 7/34“, која ја организира Државната лотарија на Македонија.

И навистина, доколку ги проверите извештаите за извлекувањата на овие два датума, кои се наоѓаат на сајтот на Лотарија loto.mk, ќе се уверите дека шест бројки се повторуваат.

Математичарите што ги консултиравме велат дека ова теоретски е можно да се случи, но потенцираат дека веројатноста да дојде до тоа е навистина многу мала.

Оваа игра беше во фокусот на јавноста и во јануари годинава кога се случи една исто така необична ситуација при самото извлекување на нумерираните топчиња. Лото-девојката Маријана Станојковска го најави бројот 6 уште пред да биде извлечен, а оваа случка може и ден денес да се погледне доколку го следите овој интернет-линк. Тогашниот директор на Државната лотарија, Дане Кузмановски за весникот „Нова Македонија“ изјави дека тоа што се случило со Маријана е коинциденција што се јавува еднаш во милион случаи и потенцираше оти секое извлекување го следи тричлена комисија од Министерството за финансии, која немала забелешки за овој случај. Манекенката Станојковска не сакала да го коментира случајот.

„Фокус“ годинава пишуваше за уште една интересна случка врзана со Државната лотарија, кога малолетна ќерка на вработен во оваа лотаријата добила автомобил во играта „Среќни вести“, која ја приредуваше ток-му Државната лотарија заедно со весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“.

Летово, босанските медиуми јавија за уште поневообичаена случка во тамошното бинго, кога бројот 3 бил двапати извлечен. На снимката, која исто така може да се погледне на интернет, се гледа оти истата бројка е извлечена на 21-то и на 27-то место. Како што информираат медиумите во Босна, никој од гледачите не забележал што се случило и не се пожалил.

Директорот ќе проверува

Директорот на Државна лотарија, Владимир Бахчовановски вети дека ќе провери што се случувало и нѐ замоли да го контактираме денеска, со оглед на тоа што вчера беше неработен ден. Поранешниот директор Дане Кузмановски, пак, не беше достапен на мобилниот телефон што го имаме.

Поврзани новости