(АРХИВА) Домино-ефект: Како албанската опозиција ја оттргна ДУИ од предизборна коалиција со СДСМ?

by Фокус

Текстот е објавен на 22 фебруари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.481.

Кандидатурата на Таравари за претседателски кандидат поддржан од обединетата албанска опозиција ја принуди и ДУИ да исфрли претседателски кандидат. Штом ДУИ направи ваков чекор наместо да застане зад кандидатот на СДСМ, пропадна во вода и можноста за формирање на предизборна коалиција меѓу ДУИ, СДСМ, делот на АА околу Села, што беше можеби единствена шанса за изборен успех на Ковачевски. Сето ова му оди во прилог на Мицкоски, чија ВМРО-ДПМНЕ самостојно има најголем рејтинг, меѓутоа постоеше можност да биде постизборно изолирана преку одредени политички комбинаторики.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една народна изрека вели – внимавај што посакуваш, затоа што може да ти се оствари.

Токму тоа му се случи на Али Ахмети, кој долги години ги повикуваше останатите албански партии да се обединат против ДУИ, бидејќи така, според него, албанскиот глас ќе се факторизирал во што поголем број на пратенички мандати.

Иако организирањето во политичка партија е демократска придобивка, а конкурентниот натпревар меѓу што поголем број на партии претставува демократска вредност, сепак, Ахмети смета дека постоењето на повеќе албански партии само го парцијализира изборниот глас.

На Албанците не им треба анархиски плурализам со многу партии – рече своевремено Ахмети.

Според него, на Албанците им се потребни само две политички партии, односно коалиции, бидејќи третата веќе е штетна.

– Сега знае срам да ме фати кога гледам како седат шестмина или седум Албанци, а од другата страна само двајца Македонци. Дел од Албанците продолжуваат со резонот дека ние сме голем народ, голем како да сме Кинези. Но, колку сме поорганизирани, толку поважни стануваат мандатите. Мандатот те прави важен, но и неважен – рече тој во друга прилика.

Во истиот контекст, лидерот на ДУИ истакна дека кога веќе има повеќе опозициски партии, најдобро би било тие да се обединат.

Сега моментално најголем проблем во албанскиот политички блок е што се цепка албанскиот глас. Знаете дека има многу албански партии. Јас немам ништо против тоа. Но до нив неколку пати сум апелирал да се обединат и нека го победат ДУИ, но не вака разделени и необединети – порача тој.

На крајот, тоа и се случи, бидејќи се создаде досега најголемиот албански политички блок на анти-ДУИ основа, со посредничка или олеснувачка улога на косовскиот премиер Албин Курти.

Па, ако порано се изгради наратив за т.н. Тиранска платформа, бидејќи после пресвртните избори во 2016 година албанските лидери во Тирана кај албанскиот премиер Еди Рама потпишаа платформа под кои услови би поддржале идна влада, сега некои аналитичари прават паралела и говорат за еден друг патернализам.

Имено, тие почнуваат да говорат за т.н. Приштинска платформа, бидејќи косовскиот премиер Курти во Приштина неколкупати ги собираше албанските лидери во функција на формирање на албански опозициски блок.

Како течеше овој процес, кој очигледно предизвика голема нервоза во ДУИ и кај Ахмети, иако тој претходно постојано порачуваше дека, кога веќе има повеќе албански опозициски партии, тогаш да се обединат во еден блок?

АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА

Прво, рака си подадоа Биљал Касами и Африм Гаши, кои порано беа заедно во Беса, која беше најголемо изненадување на изборите во 2016 година. Но, потоа партијата почна да паѓа, а овој процес беше запечатен на следните локални избори, кога партијата претрпе неуспех.

Тоа ги извади на површина големите разлики во рамки на Беса, која на крај се подели на 2 дела. Бидејќи Касами се избори за партискиот печат и бренд, Гаши со неговите приврзаници формираше нова партија – Алтернатива.

Долго време меѓу нив имаше голем анимозитет, но двете партии воспоставија соработка откако истовремено се најдоа во опозиција, бидејќи претходно двете партии постојано беа во расчекор, односно кога едната беше на власт другата беше во опозиција.

Потоа, коалицијата се окрупни и со новоформираната партија на поранешниот градоначалник на Чаир и долгогодишен висок функционер на ДУИ, Изет Меџити, кој го формираше субјектот Демократско движење, што всушност е производ на процесот за промени во ДУИ покренат од веќе подзаборавената „огнена група“.

За потсетување, т.н. „огнени“ бараа Ахмети да се откаже од првиот вицепремиер Артан Груби и други владини функционери, но тој одби да го стори тоа.

Така, отклонувањето на Меџити и формирањето на нова политичка партија контра ДУИ е последица на оваа одлука и став на Ахмети.

На тој начин, практично се формираше формираше една албанска опозициска коалиција од страна на поранешни функционери и членови на ДУИ, од причина што, покрај Меџити, порано и Касами и Гаши биле дел од ДУИ.

Затоа, од Мала Речица може да се слушне како „Европскиот сојуз за промени“ што го формираа Беса, Алтернатива и ДД се дискредитира дека е дело од деривати на ДУИ.

Арно ама, овој процес на обединување на албанската опозиција создаде неколку деривати и од Беса и Алтернатива.

Се работи за партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд, од кои првиот беше генсек и потпретседател на Беса, а вториот генсек и пратеник на Алтернатива.

Тие се отцепија од матичните партии и сега соработуваат со ДУИ. На ДУИ им пречи тоа што деривати на ДУИ формирале опозициски блок, но не им пречи самите да соработуваат со деривати на дериватите?!

Како и да е, цела таа реторика дека ДУИ ќе си има работа со противник создаден од отпадници од своите редови, кои не можејќи да пробијат дома одлучиле да направат друга партија, падна во вода откако опозицискиот сојуз го засили Арбен Таравари.

За него може да се каже се и сешто, но не и дека е реликт на ДУИ или дека бил проДУИ. Напротив, тој доследно држи една чиста и јасна антиДУИ линија.

ЛУПИНГОТ НА ТАРАВАРИ

Притоа, особено интересен е начинот на кој Таравари ја изведе оваа операција, која има исклучително значење за опозицијата, затоа што со 4 субјекти во опозицискиот фронт, поддржани од ултрапопуларниот Курти, доаѓа во најмала рака егал со ДУИ.

Иако Таравари имаше средби со албанските опозициски лидери, па дури учествуваше и на состаноците во Приштина, ништо не навестуваше дека на таков начин, буквално преку ноќ, ќе се приклучи кон „Европскиот сојуз за промени“, предизвикувајќи раскол во матичната Алијанса.

Паралелно со тоа, Таравари имаше средби и со Ахмети и премиерот Талат Џафери, како и со поранешниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, а се сретнуваше и со албанскиот премиер Еди Рама, кој, за разлика од Курти, ја поддржува ДУИ.

Дури, беше објавено дека имал редовни средби и со поранешниот лидер на АА Зијадин Села, кој ја формираше оваа партија, каде Таравари долги години беше генсек.

Патем, двајцата имале средба, на која Таравари рекол дека за неколку дена ќе го свика Централното претседателство за да се разговара како ќе се позиционира партијата на претстојните избори.

Но, наместо тоа, Таравари одлучи на Фејсбук да соопшти дека донел лична одлука да се приклучи кон опозицискиот фронт, бидејќи, како што порача, граѓаните сакале промена. Автоматски, тоа предизвика потрес во Алијанса, која дотогаш имаше одлука за самостоен изборен настап.

Меѓутоа, самостојниот настап никогаш не бил конечна одлука која произлегува од мнозинската волја во партијата, туку само преодно компромисно решение, со цел барем привремено да се амортизираат внатрепартиските разлики.

Впрочем, реалноста е дека Таравари и неговите приврзаници навиваа за соработка со албанската опозиција, додека Села и неговото крило беа за продолжување на соработката со Ахмети во форма на предизборна коалиција меѓу АА и ДУИ.

Каде е коренот на проблемот меѓу Таравари и Села, кои од блиски соработници станаа лути ривали?

По дебаклот на предвремените локални избори за нов општински Совет во Тетово, Села се повлече од лидерската позиција, а негов наследник стана Таравари.

Набргу потоа, АА стана дел од владата на СДСМ и ДУИ, откако претходно преговорите ги отпочна актуелниот генерален секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, близок соработник на Села.

Додека Лога водеше тајни преговори, Таравари во јавност мораше да го правда заедничкото владеење за „повисоки цели“ (евроинтеграциите) со ДУИ, која дотогаш ја посочуваа како најкорумпирана партија.

И по влезот на АА во Владата, Таравари продолжи со критиките кон ДУИ дека се носители на партизацијата на институциите.

Но, со оглед дека беше лидер на партија на власт, во која силна група околу двоцот Села-Лога се залагаа за почитување на партнерството со ДУИ, со можост да се развие во предизборна соработка, Таравари почна да говори дека Алијанса треба да настапи самостојно на изборите.

ЕФЕКТИТЕ ОД ОКРУПНУВАЊЕТО

Како се наближуваа изборите, пак, ваквиот наратив почна да го прифаќа и Села, соочен со реалноста дека Таравари нема да прифати пакт со ДУИ, а истовремено најголем дел од членството е антиДУИ расположено.

При такво тактичко надмудрување и игра на нерви, прв потег одлучи да повлече Таравари, откако напиша статус дека ќе соработува со албанската опозиција, бидејќи народот бил за промени.

Едноставно, Таравари ја прочита намерата на неговите сопартијци од, условно кажано, другиот табор, дека ако инсистира на ставот против коалиција со ДУИ, тогаш ќе мора да ја предводи партијата при самостоен изборен настап.

Но, Таравари смета дека така партијата ќе заврши исто како на изборите во Тетово, бидејќи ќе се загуби во битката меѓу ДУИ и албанската опозиција.

А, после изборен неуспех неминовно ќе почнат барања за негова одговорност, бидејќи, нели, ако Села се повлекол после пораз во Тетово, тогаш и Таравари ќе треба да се повлече после генерален партиски пораз.

Сепак, наместо Таравари да прави компромис за самостоен настап и свесно да влезе во сценарио што носи изборен пораз, после кој како губитник ќе мора да му отстапи позиција на Лога или некој друг, тој одлучи да го следи својот став и да се сврти кон албанската опозиција.

Зошто Таравари е толку важен за албанската опозиција?

Прво, тој е исклучително битен, а може да биде клучен за резултатот во шестата изборна единица, каде албанските партии ја водат главната битка и влечат најмногу гласови и пратеници.

Таму, Тетово и тетовско е под контрола на Касами, а албанската опозиција сега може да смета и на Гостивар и гостиварскиот регион, каде впрочем Таравари е најсилен.

Второ, Таравари во опозицискоот блок носи контигенти на гласачи кои не се разочарани поддржувачи на ДУИ, туку гласачи кои со години се билдани со антиДУИ расположение. Односно, тоа се некогашните тврдокорни поддржувачи на ДПА, која веќе е целосно маргнализирана.

Трето, засилувањето со Таравари има психолошки ефект, бидејќи многумина клиентилистички настроени граѓани проценуваат дека опозицијата веќе има шанса за победа и се приклонуваат кон неа.

Не е случајно тоа што после фејсбук статусот на Таравари има прилив на активисти на ДУИ од Сарај и други општини кон партијата на Меџити, а нови луѓе влегуваат и во стурктурите на Беса и Алијанса.

Исто така, важен е уште еден момент. Се уште неизвесно е дали Таравари ќе се избори за печатот на Алијанса, иако искуствата со БЕСА, ДПА, Левица и други партии што минале низ раскол покажуваат дека тој секогаш останувал со лидерот. Настрана тоа, факт е дека тој има висок индивидуален рејтинг.

Од тие причини, тој влегува во кандидатура за претседател, што треба да биде уште една додадена вредност за албанската опозиција.

Инаку, резултатите од првиот круг на претседателските избори бездруго ќе имаат силен ефект врз исходот на парламентарните избори, кои пак ќе се одржат во пакет во вториот круг од претседателските избори.

БЛЕФОТ НА АХМЕТИ

Ако има некој партиски профил што може да извади максимум за албанската опозиција од изборите за претседател, тоа дефинитивно е Таравари, особено откако се покажа како блеф брифингот дека Ахмети ќе влезе во изборната трка.

Откога албанската опозиција дефинитивно одлучи да учествува на претседателските избори, јасно беше дека и ДУИ ќе исфрли претседателски кандидат, бидејќи во таква ситуација ДУИ не сака да и остави простор на албанската опозиција политички да профитира без конкуренција.

Иако во јавноста прво протече името на министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ Бујар Османи како можен претседателски кандидат на ДУИ, сепак, од Мала Речица го лиферуваа и името Ахмети, кој наводно ќе му се спротивставел на Таравари во трката за шеф на државата.

Уште веднаш „Фокус“ го постави прашањето дали овие дојави ги откриваат реалните намери на „интегративците“ да истрчаат со најсилниот адут или пак се работи за блеф со цел дефокусирање на јавноста и противниците?

На крајот испадна дека е второто, што беше потврдено и од страна на Груби и Џафери, кои рекоа дека Ахмети бил мисионер и никогаш себе си не се гледал како функционер.

Оттука, испадна дека неофицијалното пуштање името на Ахмети во јавноста било свесно направено со цел малку да се исплаши Таравари, но и да се оттргне вниманието од неговата кандидатура.

Сепак, ДУИ ќе исфрли кандидат, откако не успеа „притисокот“ врз Курти да направи „притисок“ врз албанската опозиција да не исфрли свој кандидат.

А, политичката логика вели дека штом ДУИ вади свој претседателски кандидат наместо да застане зад оној на СДСМ, тогаш драстично се намалуваат шансите и за предизборна коалиција ДУИ-СДСМ.

Во секој случај, конечната одлука ќе биде донесена следниот период, кога СДСМ и ДУИ треба да ги вкрстат најновите анкети и да пресечат. Притоа, одлуката ќе зависи од проценката дали една ваква коалиција може да стигне до 61 пратеник, што делува како речиси невозможна мисија.

Односно, за тоа ќе им треба дополнителна поддршка, а надвор од веќе споменатите страни ќе може евентуално да сметаат само на Стевчо Јакимовски и Данела Арсовска, кои, поради отворената војна што ја водат со ВМРО-ДПМНЕ, може да се смета дека своите пратеници би ги вклополе една комбинација околу СДСМ.

Но, колку пратеници може да освојат тие? И дали тоа ќе биде доволно?

Се што е надвор од тоа – ВМРО-ДПМНЕ, албанска опозиција, Левица, како и Максим Димитриевски, повеќе инклинираат едни кон други, отколку во пакт со СДСМ и ДУИ.

Воедно, партијата на Христијан Мицкоски на сите анкети тежи над 50 пратеници, што го става во исклулително поволна позиција пред главниот конкурент Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ.

Па, ситуацијата е таква што ако СДСМ во времето на Зоран Заев сакаше да го прати ДУИ во опозиција, сега „моли“ за предизборна коалиција со ДУИ, додека ДУИ пак почнува да бара начин да се дистанцира и да формира една албанска коалиција со крилото на Села и другите минорни албански партии.

Целта е јасна – наместо да одат на „се или ништо“ со предизборна коалиција, да одам сами за постизборно да имаат повеќе можности.

УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Она што може да биде камен на сопнување после изборите, е прашањето на уставните измени, за кое сите албански партии се залагаат за брзо решавање и надминување.

Додека ДУИ ја промовира позицијата да се отвори Уставот по коституирање на Собранието и пред формирање на Владата, како што беше направено со „хашките случаи“, албанската опозиција говори за временска рамка во која сегашната македонска и албанска опозиција ќе го решат проблемот.

Тоа укажува на една синхронизираност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција, кои се гледаат како идни постизборни партнери.

Поради аномозитетот кон СДСМ, кон ВМРО-ДПМНЕ инклинира и Димитревски, а двете страни имаат соработка на локално ниво во Куманово, иако има информации дека таа не тече баш најмазно.

Во таа насока, и Левица во неколку наврати говори дека нејзин природен неопријател е СДСМ, што значи дека, ако има потреба, би учествувала или би поддржала коалиција што не не ја вклучува СДСМ, но и ДУИ. Тоа би можело да биде и надворешна поддршка, без директно учество во Влада.

Кога ќе се земе сето тоа во предвид, се чини дека политичката мапа е исцртана и во таквиот пејсаж има еден неспорен заклучок – СДСМ има исклучително понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, па затоа се надева дека ќе го компезира со поголем коалициски потенцијал, кој станува се поограничен.

Поинаку кажано, СДСМ за да остане на власт по следните избори ќе мора да дојде до 61 пратеник со Ахмети, Села, Јакимовски и Арсовска. Се друго е на другата страна, иако и таму не е се како подмачкано, бидејќи и во тој блок има одредени искричења меѓу ВМРО и Левица, Левица и албанската опозиција и сл.

Кога се говори за коалициски потенцијал, тој многу зависи и од расположението на меѓународната заедица. Јавно, се добива впечаток дека „странците“, односно САД и Западот отворено ги поддржуваат СДСМ и ДУИ.

Но, што тоа значи?

Тоа значи дека сакаат да видат на чело на државата политичка структура која, во време на геостратешки предизвици по војната во Украина ќе ја води државата на патот кон Брисел.

А, евроинтеграциите се врзани со уставните измени, чие усвојување го блокираше опозицијата. Сега, главното прашање е дали опозицијата од позиција на власт би ги истуркала измените?

Сите опозициски претставници велат дека тоа нема да се случи без исполнување на одредени услови, како признавање на барем едно здружение во Бугарија, изгласување на резолуција за признавање на македонскиот идентитетет од европарламентот, предлидлив преговарачки процес итн.

Но, од друга страна, на средбите со меѓународните претставници, кога биле прашани тоа тоа значи менување или надградување на преговарачката рамка, според дипломатски извори, одговорот бил тоа е наградба (на балонот), а не промена.

Тоа, пак, отвора простор за разни интерпретации…

Поврзани новости