(АРХИВА) Пратеничката Нола Исмајлоска организирала контрапротести со европски пари преку пара-НВО!

by Фокус

fokusova-arhiva

Текстот е објавен на 30 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1095

Името на поранешната пратеничка која гласаше за уставните измените, Нола Исмајлоска – Старова деновиве се најде во фокусот на јавноста откако поранешната директорка на Национална агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова  во изјава за „Фокус“ кажа дека поранешниот премиер Зоран Заев во присуство на Исмајлоска побарал од Димова да ја повлече кривичната пријава за злоупотребени 2,2 милиони евра европски пари, кои сега ОЛАФ ги бара да се вратат. Исмајлоска сега е Национален координатор во Владата, а првопријавениот во кривичната пријава на Димова бил нејзин близок соработник. Во серијата текстови во кои новинарот – фриленсер, Александар Методијев обелодени дека Македонија треба да врати 2,2 милиони евра европски пари беше контактиран и сведок кој бил испрашуван од истражители на ОЛАФ кој тврди дека злоупотребата на европските фондови се прави преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти. Враќање на злоупотребени европски пари во Македонија веќе еднаш се случило во 2013 година, односно биле вратени 152.181,67 евра, а проневерата и тогаш ја направило истото лице кое во кривичната на Димова е првопријавено. Пред девет години, во 2007 година беше основана Националната агенција за европски образовни програми и мобилност под капата на Министерството за образование, на чие чело седна Бошко Нелкоски од Струга, тогашен член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Целта на Националната агенција беше да се добиваат европски грантови за младински проекти во Македонија, а парите се наменети за проекти што ќе го унапредат невладиниот сектор и граѓанската иницијативност, но и за програми со кои младите ќе учествуваат во студентски размени и престој во странство. Тоа за две години заврши со скандал, во кој директорот и целиот управен одбор беа разрешени поради злоупотреби, непотизам и селективно делење европски пари на невладините организации блиски до ДПМНЕ во кои биле активирани млади луѓе од УМС. Неделникот „Фокус“ за овие проневерени пари пишуваше во 2016 година

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Не можат да уништат онолку, колку што ние можеме да создадеме. Ние младите немаме друга татковина, освен Македонија. Со овие зборови пред неколку месеци се обрати претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски на прославата за 25-годишнината од основањето на УМС, посочувајќи го во говорот „вандализмот“ на „шарените револуционери“, кои во тој период со боја ги бојадисаа сите државни институции.

Освен првиот човек на Унијата на млади сили, на роденденот се обрати и експремиерот Никола Груевски, кој по којзнае кој пат нагласи дека иднината на Македонија е во рацете на младите. Тоа може да се потврди, а особено кога се работи за младите „вмровци“, кои во последните неколку години се сместија на убави работни места како советници, шефови на кабинети, пратеници, министри… Како и да е, секој од нив, почетните чекори кон брза и вртоглава кариера ги почнал од Унијата на млади сили на ДПМНЕ.

Една од нив е и пратеничката од Струга, Нола Исмајлоска – Старова, која уште во своите дваесетти години била активен член на Унијата на млади сили, од каде што понатаму продолжува да ја гради својата кариера. Таа во моментот, на 29-годишна возраст е пратеничка во Собранието, како и член на највисокото раководно тело во ВМРО-ДПМНЕ, односно координатор на Извршниот комитет за партиските комитети на Дебар, Маврово и Ростуше. Од ова може да се заклучи дека таа за периодот додека ДПМНЕ владее со државата достигнала метеорски височини.

„Фокус“ во последниот број на неделникот откри дека податоците во биографијата на пратеничката од Струга објавени на веб страницата на Собранието, во кои пишува дека има завршено Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не се точни, за што потврдија и од самиот факултет. Од таму велат дека Исмајлоска воопшто не фигурира во електронскиот систем на оваа високообразовна установа, а со оглед на тоа што се запишала по стариот систем, не се води повеќе како активен студент. Според информациите од Медицинскиот факултет, таа запишала последен четврти семестар во академската 2005/2006 година.

Неколку дена по излегувањето на текстот, повторно го проверивме собранискиот сајт, каде што забележавме дека нема никакви промени во биографијата на пратеничката. Таму сѐ уште пишува дека дипломирала на Медицинскиот факултет. Меѓутоа, тоа не е сѐ што може да се открие за Исмајлоска, која уште на млади години амбициозно почнува да навлегува во политичките води.

МЦЕО: ЕВРОПСКИ ПАРИ ЗБОГАТИЈА МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Пред девет години, во 2007 година, беше основана Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, под капата на Министерството за образование, на чие чело седна Бошко Нелкоски од Струга, тогашен член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. По експресна постапка се формирал Управен одбор од пет члена, кои ги именува и разрешува владата. Целта на Националната агенција беше да се добиваат европски грантови за младински проекти во Македонија, а парите се наменети за проекти кои ќе го унапредат невладиниот сектор и граѓанската иницијативност, но и за програми со кои младите ќе учествуваат во студентски размени и престој во странство. Тоа за две години заврши со скандал, во кој директорот и целиот управен одбор беа разрешени поради злоупотреби, непотизам и селективно делење европски пари на невладините организации блиски до ДПМНЕ во кои биле активирани млади луѓе од УМС.

Една година по скандалот со европските пари што ја стресе Националната агенција, во 2011 година фондовите од Брисел наменети за младите во Македонија останаа замрзнати. Во тој период, Европската комисија постави јасен услов што треба да се исполни за да се одблокираат европските пари – државата да испита дали имало криминал во доделувањето средства од страна на поранешното раководство на агенцијата. По толку години оттогаш, надлежните институции ниту го испитаа случајот, а ниту, пак, некој беше казнет.

Ваквите тврдења ги поткрепи и истражувањето на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) во 2012 година, каде што беше објаснета целата шема како параневладини организации кои постојат само на хартија, а не работеле ништо, добивале европски пари од Брисел за програмата „Млади во акција“. Според нив, станува збор за 11 невладини организации кои од Брисел добиваат пари, а вкупниот износ на овие „сомнителни“ средства изнесува 1,3 милиони евра. Во тие проекти се појавувале исти луѓе со различни проекти, а исто така исти основачи доставувале различни проекти од иста адреса.

Во истражувањето на МЦЕО се наведува дека постојат сомневања оти Националната агенција доделувала проекти на нефер и на сомнителен начин на истата привилегирана група невладини организации блиски до владејачката партија во кои фигурираат нивни членови или роднини.

Главна улога има Нелкоски, поранешниот директор, кој никогаш не беше казнет поради злоупотребата што ја направи во 2009 година. Тимот од соништата што тој го вработи, очигледно му остана лојален, а практиката на доделување средства на „своите“ организации и натаму продолжи, но со една дополнителна финеса – прво се конкурира во Брисел на централизираните повици! Добивањето проект од Брисел и не е толку тешко ако се има предвид фактот дека Националната агенција ги пласира вистинските информации само до привилегираните организации. Штом ќе се добие проект од Брисел, тогаш се добива зелено светло за „успешно“ трошење на средствата и од Националната агенција, а притоа се има алиби дека сè е чисто како солза – пишува во извештајот на МЦЕО.

Зошто овој извештај е важен и каква е улогата на пратеничката Исмајлоска со сомнежите за злоупотреба на европските пари за младински организации?

ИСМАЈЛОСКА ФИГУРИРА ВО ОСУМ НВО

Малку погоре споменавме дека се работи за 11 невладини организации кои најчесто добивале пари од Брисел. Истражувањето на Македонскиот центар за европско образование покажува дека Исмајлоска, која во тој период била член во Унијата на млади сили на ДПМНЕ е ангажирана на повеќе нивоа од програмата „Млади во акција“, чија цел била да го промовира активното граѓанство кај младите луѓе, солидарноста и взаемното разбирање, да придонесе кон развој на квалитетни системи за поддршка на младинските активности и способноста на организациите на граѓанското општество, како и да се промовира европската соработка во младинските политики.

Но, дали тоа се исполни и што се сѐ случуваше зад затворени врати? Според истражувањето на МЦЕО, пратеничката на својот профил на веб сајтот на Салто-ресурсниот центар (SALTO-Youth), преку кој се конкурирало за проекти за европски пари, оставила своја биографија во која може да се видат нејзините лични податоци, какво работно искуство има, на какви тренинзи и семинари учествувала. И таму Исмајлоска напишала дека дипломирала општа медицина. На истиот профил, таа објавила документ под наслов „Релевантни искуства“, во кој ги наведува сите проекти по име на кои работела, но намерно или не, испуштила да ги наведе нивните корисници. Инаку, Исмајловска, според истражувањето е активна дури во осум невладини организации, од кои во некои фигурира како лице за контакт, во некои за човечки ресурси, во други како овластен потписник…

Таа работеше во повеќе младински организации преку Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со Нелоски ги спроведуваа проектите и земаа за тоа пари од Брисел. Тие преку Националната агенција собираа луѓе, ги добиваа идеите и подоцна ги користеа за да аплицираат во Брисел преку нивни невладини организации и нивни луѓе. Цело време се вртеа истите неколку луѓе. Нејзиното име се појавува во многу проекти во истите невладини организации. Врската и е со УМС, а целта е регрутирање млади за нивните работи во партијата – тврдат во изјава за „Фокус“ од МЦЕО.

Откако ќе се идентификуваат имињата на проектите во службената документација објавена од страна на ЕУ, лесно можат да се добијат и имињата на корисниците. Во направената анализа се ставени 10 проекти со нејзиното име и презиме, а како корисници се јавуваат неколку невладини организации меѓу кои е „Јасна иднина“ од село Небрегово, Долнени. Според документите од Централниот регистар, тие се водат како Здружение на граѓани поради остварување на поширок заеднички интерес. На претседателското столче на здружението е Валентин Црвенкоски од прилепското село Небрегово. Документите покажуваат дека ова здружение на граѓани е формирано на 23 декември, 2008 година само една година откако со работа почнува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Но, освен тоа, таму не можат да се најдат никакви други податоци.

Здружението во јавноста стана познато пред неколку години кога неговите луѓе се претставуваа како жртви на транзицијата и беа против враќањето на Бранко Црвенковски на политичката сцена. Во 2009 година опозицискиот СДСМ го повика Здружението на граѓани „Јасна иднина“ да ја исполни законската обврска и да обелодени кој ги финансира и со колкав износ бидејќи, како што тврдеа од таму, тие биле нарачатели на скапи платени огласи на т.н. коалиција на невладини организации „Отпор кон Бранко Црвенковски“.

Само една од повеќето закупени страници од ова здружение во печатените медиумите чини 900 евра, а само еден од нивните платени огласи во електронските медиуми кој се емитува во ударен термин пред вестите, чини најмалку 5 илјади евра – тврдеше во тоа време на прес-конференција тогашниот партиски портпарол Емилијан Станковиќ.

Според него, реториката која ја користело ова здружение е иста како реториката на Груевски, па тогаш додаде дека согласно член 3 од Законот за здруженија на граѓани и фондации противзаконски е да вршат политички активности или да го користат својот имот и средства за остварување цели на политички партии.

НЕВЛАДИНИ ШТО ОРГАНИЗИРААТ КОНТРАПРОТЕСТИ

Но, тука не завршуваат проектите и поврзаноста на Исмајлоска со невладини организации кои ја поддржувале политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Кога внимателно ќе се разгледаат (и анализираат) централизираните проекти од програмата Млади во акција, односно оние проекти кои добиле зелено светло од ЕУ, нејасно е како Брисел не забележал ништо сомнително во фактот дека едни исти лица се појавуваат како носители на проекти од Македонија.

Според извештајот на МЦЕО, пратеничката добила проекти и преку невладините организации „Центар за рурален развој на ЈИЕ“ , село Јабланица, потоа од невладината организација „Младински прес“ од Струга, а добила проекти и од „Кариерен проект“, Битола, „Фонд за развој на млади“, Охрид, „Совет на Младински НВО“ од Скопје.

„Фокус“ располага со материјали, документи, фотографии и видео од проектите на кои конкурирала Исмајлоска, кои оделе преку Националната агенција, каде што на директорското столче во тој период седел Нелкоски. Тие заедно работеле на неколку проекти, меѓу кои е проектот кој оди преку невладината „Совет за младински НВО“, организација која тогаш имала два члена кои биле во Управниот одбор на Националната агенција. Исто така, додека трае суспензијата на Националната агенција во Скопје, на истата програма во 2011 година, Младински прес добива уште два проекти од Брисел во времето кога пратеничката е овластен потписник.

Ако се отвори веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт, може да се најде и здружението „Пан европски центар“ од селото Ростуше, Маврово, каде што нејзиното име фигурира како претседател, а има уште секретар и 20 волонтери. Според наведеното на интернет-страницата, дејноста на оваа невладина организација е за млади. Но, тоа не е се. Исмајлоска како контакт лице фигурира во уште една невладина организација, „Деница“ од Скопје. Според документите од Централниот регистар како овластен потписник на ова Здружение на граѓани се јавува извесен Илчо Алексоски, а историјата на невладината организација е позната. Основана е на 3 јануари, 2008 година, исто како и другите невладини организации, само една година по формирањето на Националната агенција за да може да аплицираат и да земаат пари од европските фондови.

За оваа невладина организација првпат во јавноста се слушна во 2009 година кога го организираа контрапротестот на скопскиот плоштад, барајќи изградба на црква „Св. Никола“ наместо Бурмали џамија што предизвика дополнителен револт и за малку ќе дојдеше до физичка пресметка меѓу протестантите и контрапротестантите.

Политичките амбиции на Исмајлоска се големи, па таа во 2009 година била активно вклучена во кампањата на кандидатот за градоначалник на Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Славко Котески. На една од фотографиите може да се забележи дека таа цело време е до него на сите организирани прес-конференции или посети низ Струга. Инаку, Котески е вујко на фамозниот Нелкоски.

„Фокус“ повторно се обиде да стапи во контакт со Исмајлоска и испративме неколку прашања на нејзиниот официјален и-мејл, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

СЕМЕЕН БИЗНИС ВО НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Според истражувањето на Македонскиот Центар за европско образование, пратеничката Нола Исмајлоска – Старова не е единствената од нејзиното семејство што фигурира во невладините организации. Тука е и нејзината сестра Мерсиха Исмајлоска, која се води како контакт лице на Советот на младински НВО и на други невладини организации кои зеле пари од централизираните проекти од Брисел. Од МЦЕО тврдат дека во таа шема влегува и нејзината мајка Руждие Исмајлоска, која фигурира дури во осум невладини организации.

Нола Исмајлоска-Старова

ЌЕ СЕ БОРАМ КАКО ЛАВИЦА

Исмајлоска во својот говор на митингот пред предвремените парламентарни 2014 г. избори цело време му се заблагодаруваше на Груевски за се што направил за нив.

Сакам да му се заблагодарам на Никола Груевски, тој е човекот што прави разлика. Додека други доаѓаат да слават со зурли и тапани и да заборават на нас, тој дојде со инвестиции, дојде со отворено срце и подадена рака за да одиме напред, а наше е да ја прифатиме. Ќе бидам ваш претставник во парламентот и како лавица ќе се борам со цело срце за наша Струга. На мојот пасош пишува Република Македонија и секогаш ми било чест да ја претставувам низ Европа, а тоа ќе продолжи и од денеска натаму – истакна пред две години пратеничката.

Поврзани новости