Ако минатата вечер Тони Михајловски беше специјалниот гостин на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов во „Универзалната сала“, вечерва во рамките на „Танцот со ѕвездите“ популарниот Хорхе ќе ја возврати посетата на МТВ.
– Претседателот во шоуто ќе игра паљурски казачок за да изрази автентична поддршка на Путин и на Русија во спорот со Украина. И на овој настап Иванов ќе го придружуваат Јове Кекеновски на армоника и Ставре Џиков на шупелка. Паско од дома ќе тупа на тапани. Партнерка на Иванов ќе биде нашата девушка Викторија Лоба, која докажа дека одлично танцува со ѕвездите – информираше гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ Олександар Бичикла, кој малку си ги смени името и акцентот исто така во поддршка на Кремљ.
Иванов пред настапот се довери дека откако река народ се потпиша за неговата кандидатура му паднал Каменот од Розета од срце.
– Идеше Дунав, колко можев се спасив од страстните фанови! – додаде врховниот командант на нашата армија.
Тој ги поби шпекулациите дека за време на танцот ќе носи космодиск, и како што рече, за инает на злобниците во оваа прилика ќе го облече магнетниот појас на доктор Левин, кој го купил на попуст сосе подарок делимано-тава за палачинки.
Неговиот домаќин, актерот Тони Михајловски и за оваа пригода подготви серија шеги на сметка на опозицијата и на Бранко Црвенковски, додека се инспирирал и од карневалската самурајска маска на Заев.
Затоа песната „Зајко кокорајко“ ја препеал во своја верзија која екслузивно ја сподели со новинарите:
„Зајко самурајко кај ти беше Рада на струмичка парада,
Зајко самурајко дека ти е Кличко да ги збереш сичко,
Зајко самурајко – отровен корнишон, имаме ние полтрони гарнизон,
Зајко самурајко не ми зимај зло, дој на власт – ќе ги шутнам ВМРО“.