Даваме стотици милиони за субвенции, а јадеме лук од Кина и круши од Аргентина!?

by Фокус 16:00
16:00

Текстот е објавен на 17 декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 807

Пишувал
Александар ДИМИШКОВСКИ

- Advertisements -

Тетовскиот грав, кочанскиот ориз, ресенското јаболко и низа други овошки и зеленчуци со голема домашна традиција и проверен квалитет сѐ повеќе се реткост на зелените пазари во државава, а пред сѐ на оние во Скопје. Изминатите неколку дена на шетајќи по Бит-пазар, Зелен пазар, пазарчето во Буњаковец речиси целосно безуспешно се обидов да ги воочам овие реликти на домашното земјоделство, меѓу тезгите преполни со фалсификувани, шверцувани или најблаго кажано производи со сомнително потекло – парфеми, козметика, облека и низа други потребштини и непотребштини за вашиот дом.

Впрочем, овошјето и зеленчукот сѐ помалку воопшто го има на пазарите, па наместо со килограм јаболка или круши, од пазарите поверојатно е да се вратите со два до три килограми тренерки, маици или долна облека, нормално по испробаниот рецепт – три за сто!

И, додека во државава врие од дискусии и катарзични потраги по идентитот на нацијата, се чини дека главните обележја на нашето општество тивко но сигурно умираат, исчезнуваат или се трансформираат согласно глобалните текови. Па, така, од навиката пазарните денови да се празник на социјалниот живот, сега пазарите се само слика на македонската транзиција. Затоа и не изненадува тоа што овошјето и зеленчукот, граѓаните се почесто го купуваат во супермаркетите.

Дополнително загрижувачки феномен во државава е се поголемото присуство на зеленчук и овошје со нетипично потекло, односно со производи од увоз, со што се надоместува падот во домашното земјоделство, кое треба да е стожер на исхраната и прехранбената индустрија. Така, сѐ повеќе наместо домашен лук, на пазарите може да се најде само кинески лук. Фино спакуван во пластифицирана мрежа, бел како никогаш земја да не видел и со предефинирани димензии, висина од 4,4 и дијаметар од 6,2 сантиметри, со сите стандарди како и секој друг бисер на кинеското индустриско производство. Истото се случува и со кикириките. Наместо струмички, на пазарите и по маркетите може да се најдат претежно кикирики од северозападните кинески земјоделски области!

Но, не е само Кина земјата на потекло на увезените овошја, зеленчуци и други прехранбени производи. Напротив, лесно може да се најде и грозје од Аргентина или Чиле, костени од некои од афричките земји, грав од Авганистан, компир од Турција..!

Да не се сфати погрешно, но ваквата слика ми ги наруши впечатоците за влијанието на земјоделството во домашната економија, а пред сѐ тезите кои со години ги слушам – дека домашната храна во државава е исклучително квалитетна и пред сѐ, многу вкусна. Е, па, ако е така, зошто тогаш во исхраната ни преовладува лук кој не го регулира крвниот притисок, компири од преку седум мориња, а и грав кој не создава ни половина од гасовите што ги создава на пример тетовскиот!?

Велат, извозот на земјоделските производи постојано се зголемува. Тоа е навидум добро. Но, како никој во државава не најде за потребно да го анализира земјоделството и од еден друг аспект – исхраната и здравјето на граѓаните, од чии пари конечно се субвенционира тоа земјоделство. Вака, излегува дека се повеќе плаќаме за земјоделците да можат да ги продаваат своите производи во странство, додека останатите ги јадат најевтините земјоделски производи што можат да се најдат во светот!?! Та, нели идејата на субвенциите е земјоделците да се задоволни со заработката, а народот ем поефтино ем поквалитетно да се храни?!

ЦЕНОВЕН СКОК, КВАЛИТАТИВЕН ШОК!

Како никогаш претходно, годинава, зелените пазари и цените на земјоделските производи, а богами и нивниот квалитет беа меѓу централните теми за кои граѓаните алармираа, а медиумите известуваа. Граѓаните се жалеа на исклучително слабиот квалитет на доматите, чија цена воопшто не кореспондира со реалноста. Поскапи беа и компирите, кромидот, а богами и лукот, независно дали се работи за домашни или за производи од увоз. Така, на пример, според последните податоци од Државниот завод за статистика, во октомври годинава, цената на лукот достигнала двојно повисока цена (205 денари) од лани, кога истиот чинел околу 100 денари. За илустрација, кинескиот лук, според пред само две години се набавувал по цена од околу 3 денари за килограм. И цената на доматите во октомври годинава била речиси двојно повисока од истиот месец  2009 година. Така, килограм домати во октомври годинава чинел 38 додека во октомври 2009 година се продавал за 23 денари!

Статистиката бележи поскапување и кај кромидот, кикириките, спанаќот, крушите, лимоните, портокалите… Секако дека дел од поскапувањата, кои се однесуваат на земјоделските производи што ги добиваме само од увоз, имаат влијание во однесувањето на цените на овие производи во изминатата година на пазарите во државава. Но, ако се земе предвид дека свое влијание остави и светската економска криза, преку намалената куповна моќ, тогаш, порастот на цената на храната на светските пазари од пред две години, веќе и може да се земе како фактор во вкупната пресметка на соодносот цена/квалитет кој се нуди во форма на земјоделски производи на македонските пазари.

Ако се анализира, пак, од трговски аспект, извозот на прехранбени производи од земјава во изминатите четири години бележи силен раст, но силно расте и увозот. Така, ако во 2006 година, од Македонија, во периодот јануари-октомври се извезени прехранбени производи во вкупна вредност од 160 милиони долари, во истиот период се увезени производи за храна вредни 297 милиони долари. Годинава, во периодот јануари – октомври се извезени прехранбени производи вредни 270 милиони долари, додека се увезени производи вредни 442 милиони долари!

Овие податоци даваат делумна слика за влијанието на производите за храна од домашно потекло во вкупната потреба за прехранбени производи во државава!

Разликата во субвенциите што државава ги одвојува годинава и оние што се издвојувани во 2006 година е речиси 100 милиони евра на годишно ниво, односно околу 130 милиони долари. Интересно е што за токму толку е зголемен и извозот во споредуваниот период. Но, додека цените и извозот растеа, се чини дека квалитетот што се нуди на домашниот пазар опадна. Така, годинава бројни беа критиките од граѓаните за нискиот квалитет на доматите, лубениците. А, тезгаџиите се жалат на се поригорозните стандарди кои им се наметнуваат, на нелојалната конкуренција, на негрижата на државата, а и на се понискиот промет што е резултат на намалената куповна моќ на граѓаните!

ЧЕТИРИ ЈАБОЛКА И ТРИ ПАРА ГАЌИ

– Граѓаните сѐ помалку купуваат. Бараат по два-три моркова, по две-три јаболка. Се купува колку за едно јадење, или колку за проба што се вели. Вистина е дека цените се зголемени, но очигледно е дека и стандардот е паднат. Граѓаните немаат пари да купуваат, како што тоа го правеа порано. Зеленчукот и овошјето станаа луксуз. Затоа и не изненадува што дури и тука нема повеќе гужви како што имало порано. Купувачи има повеќе на тезгите со облека, козметика – вели продавач на Бит-пазар.

Тој објаснува дека влијание врз „згаснувањето“ на пазарите има и хаосот кој владее на нив, бидејќи покрај земјоделски производи, на пазарите се продава сѐ и сешто.

– Несфатливо е за нас старите тезгаџии, како државата сѐ уште ги толерира закупците на тезги, кои на нив продаваат производи како облека, козметика, разни „тракатанци“ за домаќинство, а често и нелегални производи како петарди, цигари, алкохол. Жално е и за луѓето што ги продаваат. Во транзицијата многумина останаа без работа, па тоа е единствениот начин на кој што можат да заработат за живот. Но, барем да се направат посебни пазари за таков тип на производи, а зелените пазари да останат за земјоделските производи. Како очекуваат од нас да ги почитуваме строгите критериуми за хигиена, кога на соседната тезга може да се продава сѐ и сешто – вели 57 годишниот тезгаџија од Бит Пазар, кој како што вели повеќе од 20 години животот го обезбедува со трговијата на овој пазар.

За влијанието на „транзицијата“ најдобро говори фактот што пред 20-тина години на Бит Пазар имало вкупно 400 тезги, речиси сите наменети за земјоделски производи, со исклучок на таканаречениот женски пазар, во склоп на Бит Пазар. Сега се смета дека има повеќе од 1.200. Сличен пораст на бројот на тезги и нивни закупци има на речиси сите поголеми пазари.

На прашањето, како се справуваат со реакциите на граѓаните за потеклото на земјоделските производи, тезгаџиите од неколку скопски пазари кои ги посетив во изминатите неколку дена го дадоа истиот одговор:

– Најчесто и не прашуваат за потеклото, туку само за цената. Има и такви кои прашуваат, но не им пречи потеклото. Нормално, има и купувачи кои пред сѐ бараат домашни производи. Факт е дека домашните производи се повеќе завршуваат на странските пазари, а и оние производи што трговците ги увезуваат се далеку поефтини. Затоа, речиси и да немаме избор во однос на тоа каков зеленчук и овошје ќе продаваме. Цената е многу важна за граѓаните  – велат тие.

Токму поради оваа група на граѓани, не е ретка ниту појавата зеленчук и овошје од увоз да се претставува како типичен, домашен производ!

Пред речиси две години во јавноста на големо се зборуваше за тоа дека гравот што на пазарите се претставува како тетовски, всушност потекнува од Турција и од Кина. Слични шпекулации подолго време кружат и за голем дел од компирот што се нуди на пазарите низ државава!

ПАЗАРИТЕ ГО ЗАГУБИЈА ШАРМОТ

Домашните земјоделски производи сѐ помалку ги има на зелените пазари, се намалува и бројот на тезги на кои се нудат земјоделските производи, а истовремено се губат и навиките на граѓаните и на продавачите. Нема „ценкање“ нема попусти за редовни муштерии, нема „досетки“ а преостанува само уште дневната политика како неизбежен дел од комуникацијата.

И, додека традицијата на пазарите тивко замира, се чини дека и друг аспект има влијание на намаленото присуство на домашни земјоделски производи. Според Националната стратегија за развој на земјоделството 2007-2013 година, се поголем е бројот на земјоделци кои наместо традиционалните култури се одлучуваат да одгледуваат нетипични култури, поради полесниот пласман и поголемата заработка.

– Неодамна, во однос на традиционално произведените зеленчукови култури, производителите значително се ориентираа кон интензивно производство на нетрадиционални култури (за земјата), кои се бараат на ЕУ пазарите и подалеку, и кои ќе овозможат поголеми приходи со ограничени ресурси како што се брокули, прокељ, кинеска зелка, аспарагус и други – се вели во Националната стратегија.

Во неа се евидентира и вкупниот пад на обработени површини, како и на зависноста на државата за прехранбени производи.

– Обработеното земјиште е намалено од 633.000 хектари во 1999 на 53.7419 во 2006, главно поради напуштање на земјиште (миграција на население село-град) и урбанистички/индустриски развои, кои се појавуваат за сметка на земјоделски земјишта.  Најголемиот пад е регистриран во примената на обработливо земјиште и градини и овоштарници, каде што земјиштето под ливади постепено се зголемува. Земјата е нето увозник на прехранбени производи, најмногу месо, преработени производи и друга прехранбена подготовка, како и житариците – пишува во Стратегијата.

Во неа се вели дека изненадувачки е и тоа што за голем број на традиционални земјоделски култури, за кои може да се обезбеди пласман со добра заработувачка, постои релативно мал интерес, иако потенцијалот е голем.

Таков е случајот на пример со афионот, кој се одгледува на ограничени, контролирани полиња, а производството го откупува и преработува Алкалоид. Според Стратегијата, домашното производство покрива само 30 отсто од индустриските потреби, додека остатокот се набавува од увоз.

– Постои потенцијал за зголемување на површината на одгледување афион од моменталните 100-150 хектари до околу 2.000 хектари – се вели во неа.

КРИВИ КРАСТАВИЦИ

Велат, најдобар рецепт за добро здравје и добра линија е да се јаде тоа што се произведува во вашата непосредна околина. Оваа изрека се чини дека не е дел од стратегијата за развој на земјоделството во државава, па, наместо производството да се насочи кон поголемо зголемување на домашните потреби, со што би се намалил и увозот на прехранбени производи, особено на непреработените земјоделски производи, производството се повеќе се насочува кон производи што полесно може да се пласираат на странските пазари, по цена која традиционалните земјоделски култури не може да ја постигнат на домашните зелени пазари.

Она што никој не го зема предвид е дека извозот на странските пазари, особено на пазарите на ЕУ, има свои предности, но има и свои мани. Така, речиси сите забораваат дека во бирократизираната Унија, важат строги критериуми за изгледот и големината на производите. Но, и таму важи правилото дека свежата храна е најздрава. Тоа секако се вклопува и во тезата дека за добро здравје треба да се јадат земјоделски производи што се произведуваат во непосредната околина. Ако е така, тогаш зошто властите во државава упорно сметаат дека треба да се работи на поголем извоз на земјоделските производи, во исто време кога речиси со ниту еден земјоделски производ не може да се задоволат во целост домашните потреби?!

Дали е проблемот во недоволната куповна моќ на граѓаните или во недостатокот на откупни центри и преработувачки фабрики? Или проблемот е можеби во власта која нема компас за соодветно да го насочи земјоделското производство, согласно и првенствено според домашните потреби? Државата не се грижи за фактот што трговците, а не земјоделците се тие што го собираат кајмакот од македонските ниви!

Како и да е, сликата од зелените пазари нималку не е охрабрувачка. И тоа малку зеленчук и овошје што го има, претежно е од увоз, а секако е скапо. Па, за какво македонско тавче-гравче зборуваме ако гравот е од Турција, а кромидот од Венецуела?! За каков македонски таратур се плаќа по националните ресторани, ако краставиците се од Грција, а лукот од Кина?!

Клучниот проблем во целата оваа приказна е несфатливата потрага по идентитети. Реформите за во Европа не е причина за напуштањето на традициите, барем не на оние кои позитивно влијаат на општеството, во кои спаѓаат и земјоделството и пазарлукот по зелените пазари!

Какви сѐ не заблуди не слушнавме и доживеавме во земјоделството во изминатите 20 години. Секоја година има млечна криза, млекото редовно се истура по улиците, а Македонија сѐ повеќе увезува млеко. Секоја година мелниците и земјоделците се расправаат околу цената на лебната пченица, со изговор дека увозната е поефтина, а секако не се произведува доволно за да се задоволат домашните потреби. Додека е така, секогаш ќе мора да велиме дека она што го јадеме е – „Светско, а наше“!

 

Поврзани новости