Интервју со организаторите на најголемата регионална конференција за е-трговија: „Иднината не треба да се чека, туку да се создава сега”

by irena 17:41
17:41

Е-трговијата е меѓу најбрзорастечките индустрии во регионот, a 8. Регионална конференција за е-трговија која се одржува во Скопје, веќе осум години претставува централна платформа за инспирација, едукација и соработка. Во пресрет на годинашното издание кое ќе се одржува на 4. ноември во НОБ во Скопје, разговаравме со организаторите на оваа регионална конференција – тимот на Асоцијацијата за е-трговија, за предизвиците, новитетите и визијата за иднината.

Од скромни почетоци до најголем настан за е-трговија во регионот – како се одвиваше таа трансформација?

Организаторите:

Кога започнавме, визијата ни беше да создадеме место каде е-трговците ќе градат заедница и ќе учат едни од други. Првото издание имаше околу 300 учесници, а денес, осум години подоцна, горди сме што бројките се повеќекратно зголемени и конференцијата е препознаена како водечки настан за е-трговија во регионот. Секоја година ја надградуваме програмата со нови атрактивни теми, глобални имиња и формати што носат реална вредност за учесниците. Годинава нашата главна порака е олицетворена во слоганот Fasten the Future со кој сакаме да испратиме порака дека иднината не се чека – таа се гради и се обезбедува сега.

Какви новитети донесува овогодинешното издание на конференцијата?

Организаторите:

Оваа година ни се приклучуваат компании како TikTok, Booking, Dolce&Gabbana, Visa и др., што е доказ дека регионот е интересен за глобалните играчи. Првпат ќе имаме две сцени: главна сцена со клучни говори, панел дискусии и разговори, но и паралелна со практични работилници. Фокусот е на трите двигатели на растот денес – е-трговијата, маркетингот и вештачката интелегенција – и на нивната интеграција во секојдневниот бизнис. Дополнително, учесниците ќе можат преку мобилна апликација однапред да закажат индивидуални состаноци со другите учесници од конференцијата, а експо зоната ќе им понуди директен контакт со партнери, стартапи, инвеститори и институции. Веруваме дека за многумина, токму на конференцијата ќе започнуваат нови деловни соработки и 4-ти ноември ќе биде ден од голема корист за сите присутни, како лично, така и професионално.

Која е главната инспирација зад континуитетот на конференцијата?
Организаторите:

Најголемата инспирација се учесниците. Кога гледаме дека на конференцијата започнуваат нови партнерства, идеи и проекти – тоа е најголемата потврда за нас. Но инспирација е и самиот динамичен развој на технологијата: нови трендови, нови предизвици и можности кои сакаме да ги доближиме до локалните и регионалните компании. Оваа конференција ни овозможува да бидеме во чекор со светот и да им помогнеме на компаниите од регионот навреме да ги усвојат тие промени.

Koj е највозбудливиот момент во процесот на подготовка на конференцијата?
Организаторите:

Секој чекор е посебно возбудлив – од креативните бреинсторминг состаноци со тимот и средби за одредување на локацијата, датумот и темите што ќе се опфатат, преку изборот на говорници и партнерите кои ќе ја поддржат, па сè до малите детали што ја прават оваа едиција уникатна. Но, најмагичниот момент е кога ќе добиеме потврда од глобални брендови и конечно можеме да објавиме дека компании како TikTok, Booking или Visa ќе бидат дел од нашата приказна. Тогаш знаеме дека сме креирале нешто големо. Врвот е кога ја гледаме финалната агенда и чувствуваме гордост за месеците посветена работа – а уште поубаво е кога ќе ги видиме првите реакции и ентузијазмот на учесниците кој расте со неверојатна брзина. Тоа е моментот кога сфаќаме дека сè навистина вреди. Горди сме што Македонија, а и регионот секоја година ја препознава искрената работа позади овој настан и од година во година сме се побројни и побројни.

Колку луѓе стојат зад организацијата и како изгледа еден „зад сцената“ ден во тимот?
Организаторите:

Иако за публиката сè изгледа глатко и совршено организирано, зад сцената стои тим од неколку десетици луѓе и безброј часови посветена работа. Тимот на АЕТМ е моторот кој ја движи целата машинерија, но паралелно се вклучени и многу други тимови што работат синхронизирано за на 4-ти ноември во НОБ сè да изгледа беспрекорно. Ден пред конференцијата, изгледаме како оркестар во завршна проба – едни го тестираат звукот и светлото, други ги координираат спонзорите, трети се грижат за говорниците и логистиката, за мобилната апликација и експо делот, за брза и ефикасна регистрација на голем број учесницити итн. Атмосферата е полна со адреналин, возбуда и тимски дух, затоа што сите знаеме дека сме дел од нешто големо што ќе остави силен впечаток на целата индустрија.

Постигнавте значаен раст за 8 години – вкупно собравте повеќе од 2.000 учесници, 190 говорници и над 500 компании. Кој е факторот што најмногу допринел за оваа еволуција и како гледате на иднината на оваа важна регионална конференција?
Организаторите:

Клучот е довербата што ја изградивме преку континуитет и квалитет. Секогаш внимателно го слушаме пазарот и се прилагодуваме: ја збогатуваме програмата, носиме врвни глобални и локални експерти, креираме уникатни локални и регионални партнерства и создадаваме динамична, релевантна средина за учење и поврзување.
Она што започна како домашна иницијатива денес е препознато како конференција од европски калибар, која им помага на компаниите да растат и да се позиционираат на глобалната сцена. Нашата мисија за иднината е конференцијата да остане место каде што се создаваат нови партнерства и се разменуваат идеи што ја движат е-трговијата напред. Веруваме дека и ова издание ќе биде искра за компаниите од регионот да ја забрзаат својата дигитална трансформација и да ја градат иднината уште денес.

Слични вести