Иран нема намера да произведува нуклеарно оружје, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пред Генералното собрание на ОН во средата, неколку дена пред можното повторно воведување на меѓународни санкции врз Техеран поради неговата нуклеарна програма.
„Тука, пред ова Собрание, повторно велам дека Иран никогаш не се обидел и никогаш нема да се обиде да произведе нуклеарна бомба. Ние не сакаме нуклеарно оружје“, рече Пезешкијан.
Велика Британија, Франција и Германија (т.н. група Е3) започнаа 30-дневен процес на 28 август за повторно воведување на санкциите на ОН врз Иран, кои истекуваат на 27 септември, обвинувајќи го Техеран за кршење на нуклеарниот договор од 2015 година со светските сили, чија цел беше да го спречи да развива нуклеарно оружје.
Европските сили понудија да го одложат повторното воведување на санкциите до шест месеци за да се овозможи простор за преговори за долгорочен договор ако Иран им дозволи на инспекторите на ОН пристап до неговите нуклеарни постројки, да се справи со загриженоста за неговите залихи на збогатен ураниум и преговара со САД.
Пезешкијан ја обвини таканаречената група Е3 дека го иницирала процесот на враќање на меѓународните санкции врз Иран „по налог на Соединетите Американски Држави“.