Разговараше: Валентина ВУРМО
ФОКУС: Кои се првите нешта што би ги направиле ако ја добиете довербата на граѓаните?
МИТЕСКИ: На првата седница на новиот Совет, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја донесеме првата симболична, но суштинска одлука – за секои 10 м² изградена површина да се засади една садница. Таа обврска ќе биде почетокот на нашата „Зелена офанзива“, големата акција со која ќе го вратиме зеленилото и чистиот воздух во секое маало на Аеродром.
Веднаш потоа, заедно со Орце Ѓорѓиевски и новото раководство на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, ќе спроведеме детално чистење на целата општина. Аеродром повторно ќе биде уреден, чист и достоинствен градски простор.
Паралелно започнува реализација на крупни капитални проекти:
– изградба на пет нови детски градинки со вкупен капацитет за над 700 деца – затоа што ниту едно дете не смее да остане без место во градинка;
– доградба на училиштата „Блаже Конески“ и „Гоце Делчев“, нови спортски сали и модерни училници;
– изградба на првото кино и театар во Аеродром, културен дом за сите генерации;
– проект за топлификација на Лисиче, Горно и Долно Лисиче, кој ќе значи поевтино греење и почист воздух;
– реконструкција на повеќе од 20 улици, нови паркинзи и велосипедски патеки;
– и една од најзначајните мерки – ослободување на младите од комуналии при изградба на прв сопствен дом.
Сè што ветуваме е насочено кон едно – Аеродром да биде зелена, чиста, безбедна и човечна општина, место каде што секое семејство ќе може достоинствено да живее.
ФОКУС: Кои капитални проекти ѝ се најпотребни на Општината?
МИТЕСКИ: Нашата визија е јасна: Аеродром да стане општина на модерна инфраструктура, зелена енергија и квалитетен живот.
Најважниот проект кој ќе го смени ликот на општината е топлификацијата на Лисиче, Горно и Долно Лисиче, во партнерство со Владата. Со изградба на нова гасна когенеративна централа во делот на ОХИС и поставување на 110 километри подземна топловодна инфраструктура, ќе овозможиме нулта загаденост од загревање, пониски сметки и чист воздух.
Покрај тоа, приоритетни се:
– проектот „Секое дете во градинка“, со пет нови градинки низ сите делови на општината;
– културниот центар – Дом за сите генерации, мултимедијален простор со кино, театар, библиотека и изложбен салон;
– „Твој данок – твој проект“, преку кој секој граѓанин ќе може да предложи каде да се инвестираат средствата од буџетот;
– нови спортски сали, игралишта и спортски центар покрај Вардар, кој ќе стане место за спорт, семејство и рекреација.
Овие проекти не се само инфраструктура – тие се инвестиција во квалитетот на живот, во нашите семејства и во иднината на Аеродром.
ФОКУС: Како ќе го решите сообраќајниот хаос во Аеродром?
МИТЕСКИ: Сообраќајниот метеж е проблем кој бара системско решение, не импровизации.
Ќе пристапиме со комбинација на краткорочни мерки за олеснување на движењето и долгорочни урбани решенија:
– воведување еднонасочен сообраќај во Мичурин и Стар Аеродром, со нови паркинг-места и велосипедски ленти;
– изградба на нови кружни текови и булеварски врски со соседните општини;
– нови паркинзи и монтажни гаражи, во партнерство со Град Скопје;
– и уредување на пешачките зони и тротоари за поголема безбедност на граѓаните.
Целта е едноставна: помал метеж, повеќе ред, поголема безбедност.
Сакаме да создадеме општина во која се движиме побрзо, живееме поспокојно и дишеме почист воздух.

ФОКУС: Како ќе се справите со проблемот со уличните кучиња?
МИТЕСКИ: Проблемот со уличните кучиња ќе го решаваме системски и хумано.
Ќе ја зголемиме соработката со ЈП „Лајка“ и со невладините организации, ќе спроведуваме кампањи за одговорно сопствеништво и ќе воведеме строги казни за напуштање миленици.
Нашата цел е Аеродром да стане општина со хуман однос кон животните, но и безбедна за сите граѓани, особено за децата и повозрасните.
Тоа ќе го направиме со работа, со координација и со почит кон секое живо суштество.
ФОКУС: Депонијата Вардариште не е под ваша надлежност, но ги труе жителите. Што ќе преземете?
МИТЕСКИ: Знаете, во изминатиот период ние се соочивме со еден многу нетипичен проблем. Иако Вардариште не е под директна надлежност на општината, ние веќе покажавме дека не бегаме од проблемите.
Бевме првите што поднесовме кривични пријави против потпалувачите, организиравме патроли на терен и инициравме меѓуинституционална соработка со градот и инспекциските служби.
Во следниот мандат ќе бидеме најгласниот партнер за конечно и трајно решение. Ќе инсистираме на целосна санација на депонијата, со поддршка од Град Скопје, затоа што никој жител на Аеродром не смее да живее во страв од чад, миризба и труење.
Ова е прашање на здравје, достоинство и елементарно право на чист воздух.
ФОКУС: Ќе добијат ли конечно граѓаните повеќе зелени површини и паркови?
МИТЕСКИ: Да, затоа што тоа е суштината на нашата визија – Аеродром како зелена оаза во срцето на Скопје.
Ние веќе покажавме дека зборот го претвораме во дело – бевме прва општина што пренамени маркици за згради во паркови.
Во следниот период ќе продолжиме со „Зелената офанзива“, преку:
– создавање нови паркови, игралишта и дрвореди во сите населби;
– реконструкција на постојните зелени површини и системи за наводнување;
– мерката „10 м2 = 1 садник“, со која за секои 10 м2 нова површина ќе се воведе обврска да се засади еден садник на јавна површина;
– поставување фотоволтаици на кровови и стимулирање на енергетска ефикасност;
– продолжување на политиката за стопирање нови маркици за градба таму каде што граѓаните бараат зелен простор.
Аеродром мора да остане општина на зеленило, здрав живот и чист воздух, а не само симбол на бетон и урбан притисок.
Нашата мисија е да го направиме Аеродром најурбаната, но и најчовечната општина во Скопје.