Мицкоски: Да не дозволиме да се вратат оние што 20 години ја уништуваа Македонија

by irena 17:42
17:42

Според сите анкети, според јавното мислење, но и според граѓаните и перцепцијата, генерално, јасно е дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе бидат убедливи победници. Тоа сите го знаат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Сарај.

Тој испрати порака за масовно излегување на избори на сите гласачи на 19 октомври и да се заокружи бројот 9 за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и за кандидатите за градоначалници, како и за кандидатите од пошироката коалиција.

„Затоа што ценам дека на тој начин ќе имаме континуитет во реформите, на тој начин ќе имаме континуитет во испораката и мислам дека на тој начин ќе продолжиме заедно да чекориме. Да не дозволиме да се вратат сите оние структури коишто седум години ја уништуваа, ја ограбуваа Македонија и ја распродаваа Македонија“, рече Мицкоски.

Од Сарај, Мицкоски се осврна и на политичката партија ДУИ која 20, 22 години беше дел од различни владини структури, која сега се чувствуваат неприродно во една поинаква позиција кога се во опозиција и која цела кампања, посебно првата недела му ја посвети на него.

Мицкоски додаде дека немаше митинг на ДУИ каде што не се споменуваше и извикуваше во низа неговото име, за што не можел да поверува дека толку многу го сакаат или, пак, толкава ноќна мора им бил на тие луѓе.

„Немаше митинг најмалку по 15 до 20 пати да спомнат моето име. Сакав едно време да им се јавам да им кажам „аман луѓе дајте кажете што ќе правите четири години. Дај оставете или зборувате за Кристијан или како ќе се вратите на власт, или правите етнички поделби“. Тоа беше целата кампања на ДУИ“, рече Мицкоски.

Слични вести